Крамп-Каренбауер ја претстави идејата за безбедна зона во Сирија

Германската министрерка за одбрана Анегрет Крамп-Каренбауер ја претстави во средата пред одбранбената комисија на Бундестагот својата идеја за формирање безбедна зона на северот на Сирија која би требала да биде под контрола на Обединетите нации.

„За мисијата ќе биде потребен мандат на ОН, а и единиците би биле под команда на Обединетите народи“, рече Крамп-Каренбауер пред комисијата, пренесуваат германските медиуми повикувајќи се на неименуван учесник на состаникот во германскиот парламент.

Министерката за одбрана не го соопштила обемот на единиците, но истакнала дека ќе биде потребно да учествуваат единици со „широко поле на дејствување, па и борбено“.

Крамп-Каренбауер, која е и претседателка на владејчката Христијанско-демократска унија (CDU), не сакала да прецизира на кој начин војниците на Бундесверот ќе учествуваат во оваа мисија. Сметала дека безбедната зона може да биде поделена во сектори, од кои еден би преземала Германија.

Комесарот на Бундестагот за германската армија, Ханс-Петер Бартелс, во вторникот изјави дека се сомнева во капацитетите на Бундесверот за уште една меѓународна мисија. Портпаролот на германската влада, Штефан Зајберт, пак, во средата рече дека во владата сѐ уште нема единствено мислење за предлогот на министерката за одбрана.

Помалиот партнер во демохристијанско-социјалдемократската влада на канцеларката Ангела Меркел, Социјалдемократската партија на Германија (SPD) ја критикуваше Крамп-Каренбауер порати тоа што со својот предлог во јавноста излегла пред за тоа да го извести коалицискиот партнер.