Кражбата на запленетата сопственост е поттик за независна финансиска инфраструктура, порачаа од Москва

Одлуката на Европската унија да финансира заеми за Украина со приходи од заапленетите руски средства ќе му наштети на еврото во неговата улога како светска резервна валута и ќе го забрза воспоставувањето независна финансиска инфраструктура, предупреди вршител на должноста постојан претставник на Русија во ЕУ, Кирил Логвинов.

Во вторникот, Европскиот парламент одобри итен заем за Украина од 35 милијарди евра, кој треба да се финансира со средствата од замрзнатите руски средства. Заемот треба да биде дел од пакетот на групата Г7 (САД, Велика Британија, Германија, Италија, Франција, Јапонија и Канада) со вкупна вредност од околу 45 милијарди евра.

„Предлог-законот за воспоставување на таканаречениот „механизам за соработка во кредитирањето на Украина“, усвоен од Европскиот парламент, не е ништо повеќе од незаконски обид да се создаде маска на легалност на кражбата на сопственоста на Руската Федерација“, нагласил Логвинов, известува руската новинска агенција ТАСС.

„ЕУ свесно врши економски криминал на глобално ниво“, додал рускиот дипломат.

Со претворање на санкциите во надворешнополитички инструмент, Брисел го предизвикува меѓународниот финансиски систем и му задава удар на еврото како резервна валута, објаснува Логвинов.

Околу 70 отсто од вредноста на руските средства се депонирани во белгиската клириншка куќа Euroclear, која поседува еквивалент од 190 милијарди евра во хартии од вредност и готовина во сопственост на руската централна банка.

Од почетокот на руската инвазија на Украина на крајот од февруари 2022 година до крајот на февруари 2023 година, според неименуван функционер на ЕУ во март, руските средства генерирале профит од 5,2 милијарди евра, но Европската комисија само го „разјаснила“ правниот статус на парите оваа година, така што целата сума ќе ѝ биде дозначена на Украина по склучувањето на сите трансакции на крајот на војната.

До 2027 година, руските средства замрзнати во ЕУ, рече тогаше неименуваниот соговорник пренесе Reuters, веројатно ќе генерираат меѓу 15 и 20 милијарди евра профит по оданочувањето, во зависност од движењето на глобалните каматни стапки.

Во февруари годинава, извршната директор на Euroclear, Лив Мостри, предупреди дека финансиската стабилност на Европа е, исто така, загрозена. Најмалку 260 милијарди евра руски средства, како што се резервите на централната банка, се замрзнати под санкциите наметнати на Москва поради нејзината војна во Украина. Околу 190 милијарди се чуваат во Euroclear, финансиска институција со седиште во Брисел чијашто челничка уште во февруари годинава предупреди дека таквите акции би ја поткопале довербата во западните и глобалните финансиски институции, како и дека би било заобиколување на меѓународното право.

„Верувам дека разумот ќе надвладее (…) Логиката на конфискација на имот… значително би влијаела на довербата во системот Euroclear, довербата во европските пазари на капитал, довербата во еврото како валута“, нагласи Мостри, додавајќи дека таа е повеќе склона да конфискува приходи од имот. Според неа, оваа опција е „помалку ризична“ бидејќи Euroclear не исплатува приходи од камати на клиентите и затоа „според законот му припаѓа профитот“.

Европските потези јасно покажуваат дека предлогот за воспоставување меѓународна финансиска инфраструктура која нема да зависи од западните „каприци“ пристигна во вистински момент, заклучи во средата руски дипломат Логвинов.

Русија им предлага на членките на БРИКС да воспостават платформа за меѓународни плаќања што ќе биде конкурентна со постоечкиот „централизиран“ систем и ќе биде фокусирана на плаќањата во националната валута, се вели во документот објавен на веб-страницата на руското Министерство за финансии пред самит во руски Казан.

Новата инфраструктура ќе вклучува систем за пораки и мрежа на комерцијални банки кои ќе вршат прекугранични трансакции во национални валути, со централни банки во нејзиниот центар за да го заштитат платежниот сообраќај од „надворешни влијанија“, објаснува руското претседателство на БРИКС во предлогот. Руското претседавање со БРИКС предлага и формирање заедничка берза за житарки, чија цел е да понуди алтернатива на сегашниот механизам за одредување цени на берзите во западните земји. Механизмот за тргување со житарки меѓу членките на БРИКС во иднина ќе вклучува нафта, природен гас и злато, се додава во документот.

Инаку кога станува збор за нејзината запленета актива во западните банки, Москва повеќепати предупреди дека може да возврати со заплена на 280 милијарди евра западен капитал. Во извештајот објавен кон крајот на јануари, беа наведени податоци според кои вредноста на директните инвестиции на ЕУ, членките на Г7, Австралија и Швајцарија во руската економија на крајот на 2022 година изнесувале вкупно 288 милијарди долари.

Вредноста на инвестициите на земјите од ЕУ изнесувала 223,3 милијарди долари на крајот на 2022 година, а речиси половина од таа сума, односно 98,3 милијарди долари, официјално му припаѓа на Кипар. Поради поволните прописи, многу странци, меѓу кои и руски државјани, отворија сметки во Кипар. Следува Холандија со 50,1 милијарди долари инвестиции и Германија со 17,3 милијарди.

Меѓу петте најголеми европски инвеститори во руската економија е Франција со средства и инвестиции во вкупна вредност од 16,6 милијарди долари и Италија со 12,9 милијарди долари. Меѓу земјите од Г7, е наведена и е Велика Британија во групата водечки инвеститори со средства во Русија од 18,9 милијарди долари. Вредноста на американските инвестиции во Русија на крајот на 2022 година изнесувале 9,6 милијарди долари, јапонските 4,6 милијарди и канадските 2,9 милијарди долари.

Швајцарија и Норвешка обично донесуваат антируски мерки, а кон крајот на 2022 година вредноста на нивните средства изнесувала 28,5 милијарди и 683 милиони долари, соодветно.