Банкарските кредити за домаќинствата во еврозоната речиси стагнирале во јануари, со најниска стапка на раст во речиси девет години, покажуваат податоците на Европската централна банка (ECB).
Кредитите на домаќинствата се зголемени во јануари за само 0,3 отсто во однос на истиот месец лани, што е најслабо од март 2015 година кога забележаа ист процентуален раст. Во декември се зголемени за 0,4 отсто.
Кредитирањето на компаниите се зголемило за 0,2 отсто, по 0,5 отсто раст на крајот на 2023 година. Во ноември кредитните пласмани останаа на ниво од истиот месец во 2022 година.
Показателот за парична маса М1, кој ги опфаќа паричните средства во оптек и прекуноќните депозити, е намален во јануари за 8,6 отсто во однос на истиот месец лани, речиси исто колку и во декември.
Најширокиот монетарен агрегат М3, во кој се вклучени и орочените депозити, пораснал за 0,1 отсто, по ревидираниот раст од 0,2 отсто на крајот на 2023 година. Во ноември забележа пад од 0,9 отсто.
Забавеното кредитирање и ограничената понуда на пари се резултат на построгата монетарна политика на ECB, која ги зголеми каматните стапки за 4,5 процентни поени од јули 2022 година до средината на септември 2023 година, со цел да ја заузда инфлацијата преку ограничување на побарувачката.
Во јануари инфлацијата во еврозоната изнесувала 2,8 отсто, покажуваат пресметките на Европскиот завод за статистика. ECB таргетира стапка на инфлација од два отсто на среден рок.