Кремљ ја поздрави наградата за војниците што ќе уништат западен тенк

Кремљ во средата ги поздрави понудите за „исплата на награда“ за војниците кои ќе уништат тенкови од западно производство на боиштето во Украина и додаде дека тоа дополнително ќе ги охрабри руските сили кон победата.

Руската компанија „Fores“ претходно седмицава понуди награда од пет милиони рубљи, или 72.000 американски долари во готовина, за првите војници кои во Украина ќе уништат или заробат американски тенк „М1 Abrams“, или германски „Leopard“ или британски „Challenger 2“.

„Познато е дека оваа опрема засега ја нема и дефакто не може да ја има. Очигледно, ќе биде потребен период за подготовка“ рече портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков на редовниот брифинг за новинарите одговарајќи на прашањето како Кремљ ќе ја третира одлуката на гувернерот на Трансбајкалската тероторија, Александр Осипов да исплати награди за граѓаните од регионот кои се вклучени во борбените операции на истокот од Украина.

Осипов објави дека за уништување или заробување на западните тенкови на жителите од регионот ќе исплати меѓу 100.000 до 3 милиони рубљи. Ја објасни оваа одлука со желбата да предизвика „натпреварувачки интерес“ меѓу војниците.

„Благодарение на наградите од бизнис заедницата и од ентузијастите од регионите ќе биде уште поголема веројатноста за уништување на воената опрема на Украина којашто ѝ ја обезбедува Западот, изјави Песков.

Песков повторувајќи ја својата претходна изјава дека сите западни тенкови испорачани на Украина „ќе горат“ оцени дека паричните награди ќе претставуваат дополнителен поттик за руските војници.

„Тоа уште еднаш сведочи за единството и желбата на сите, најдобро што можат, да придонесат за постигнување на целите на специјалната воена операција“, рече Песков.

„Кога станува збор за тенковите, веќе рековме дека ќе горат. Со вакви поттикнувања, мислам дека ќе има уште повеќе ентузијасти“, додаде портпаролот на Кремљ.

Западните тенкови, кои се далеку понапредни од оние кои Украина и Русија ги користеа досега во војната, веројатно нема да можат да стасаат на фронтот во источна и јужна Украина уште неколку месеци.

Воените аналитичари сметаат дека западните тенкови ќе бидат големо оптоварување за украинската војска. Особено американските „М1 Abrams“ се тешки за одржување, поради тоа што е тешко да се оспособат Украинците да ги користат овие оружја опремени со напредна технологија. Покрај тоа, се потсетува дека овие тенкови користат големи количества гориво и тоа керозин, што значително ја отежнува нивната логистика, сложени се за ремонт, поради што се лош избор во оваа фаза од војната.

Исто така, американскиот тенк со своите околу 60 тони тешко би се движел по меката украинска почва, додека неговиот руски аналог модернизираниот „Т-82“ е полесен за 20 тони.