Русија ја поздравува изразената подготвеност на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп да ги реши проблемите преку дијалог, изјави во петокот портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, потврдувајќи ја подготвеноста на рускиот претседател Владимир Путин за разговори со Трамп но за кои подготовките ќе почнат дури по неговата инаугурација.
„Ние тргнуваме од заемната подготвеност за средбата, но, по секоја веројатност, откако господинот Трамп ќе влезе во Овалната соба веќе ќе има одредено раздвижување. Можеби ќе има напредок во договарањето на средба меѓу Трамп и Путин откако Трамп ќе положи заклетва на 20-ти јануари“, изјави Песков за новинарите на редовниот брифинг во петокот.
Претходно Трамп во четвртокот рече дека се договара средба меѓу него и Путин, но не означи можен термин.
Трамп постојано за време на неговата изборна кампања велеше дека може да ја заврши руско-украинската војна во рок од 24 часа, но тој и советниците неодамна сугерираа дека тоа би можело да се реши во рок од неколку месеци откако ќе ја преземе функцијата.
Неговото неизбежно враќање во Белата куќа ги зголеми надежите за дипломатско решение, но исто така ги зголемува стравувањата во Киев дека брзиот мировен договор може да има висока цена за Украина.
Песков рече дека Путин постојано ја изразил својата подготвеност да разговара со меѓународните лидери, вклучувајќи го и Трамп. Истакна дека Москва ја поздравува желбата на Трамп да се вклучи во дијалог со Путин.
„Гледаме дека и г-дин Трамп ја изјавува својата подготвеност да ги реши проблемите преку дијалог, ние го поздравуваме ова. Сè уште нема специфики“, додаде портпаролот на Кремљ
Според Песков, не се потребни особени предуслови за преговори меѓу претседателите на Русија и САД, „потребно е само заемна желба и политичка волја да се води дијалог“ и притоа потсети дека Путин повеќепати зборувал за неговата отвореност за контакти со меѓународните лидери, вклучувајќи
Трамп во четвртокот рече: „Претседателот Путин сака да се сретнеме. Тој дури и јавно го кажа тоа и мораме да ставиме крај на оваа војна. Тоа е крвав хаос“, додаде тој.
Советниците на Трамп дадоа предлози за ставање крај на војната што ефективно би ѝ отстапило големи делови од земјата на Русија во догледна иднина.
Песков рече дека позицијата на Русија е конзистентна со ставот на Путин во јуни минатата година. Путин потоа рече дека Русија е подготвена да ја прекине војната доколку Украина се откаже од своите амбиции за членство во НАТО и целосно се повлече од четири региони кои Русија делумно ги контролира и ги прогласи за свои.
Киев го отфрли ова, сметајќи го за предавање.
Иако зборуваше позитивно за Трамп, Песков беше многу критичен кон претседателот во заминување Џо Бајден. Тој рече дека администрацијата на Бајден, во последните десет дена, „има намера да продолжи да прави сѐ за да продолжи војната“, вклучително и можните нови санкции против Русија.
„Свесни сме дека администрацијата (на заминување на Бајден) сигурно ќе се обиде да остави најтешко наследство во однос на билатералните односи за Трамп и неговите соработници“, рече Песков.