Кремљ во понеделникот ги призна грешките направени во текот на мобилизацијата на резервниот состав на војската кој треба да се подготвуваат за боиштето во Украина и истакна дека во овој момент сѐ уште нема одлука за затворање на границите и покрај тоа што западните медиуми известуваат за протестите и наводното масовно бегство на руските граѓани во странство.
„Во некои случаи указот за мобилизација е прекршен“, изјави на редовниот брифинг со новинарите во Кремљ, портпаролот Дмитриј Песков порачувајќи дека „грешките ќе бидат исправени“.
Руското министерство за одбрана минатата седмица објави дека ќе мобилизира еден отсто од речиси 25-милионскиот резервен состав на армијата, односно 300.000 луѓе. Под обврската за мобилизацијата се лица кои имаат отслужен воен рок кои ќе добијат посебна обука следните месеци, а ослободени се повозрасните лица, студентите, учителите, родители на повеќе деца, лицата кои се единствен извор на приходи во семејството или оние кои не служеле воен рок.
Објавата за мобилизација предизвика протести во поголемите градови, за кои и западните медиуми известуваат дека не се толку масовни, а во кои беа приведени повеќе од илјада луѓе. Исто така, беше известувано минатата седмица наводно за зголемен прилив на руски граѓани на границите со Грузија, Финска, Казахстан или Монголија, како и за наводно зголемено купување авионски билети за странство.
Повеќе во западните медиуми беше поттикнато прашањето дека Русија поради мобилизацијата ќе им забрани на военоспособените мажи да ја напуштат земјата, како што е во Украина каде и на студентите во странство им е забрането да ја напуштат земјата. Меѓутоа, Песков на новинарско прашање одговори дека оваа фаза сеуште нема потреба и не е донесена одлука за затворање на границите за таа група граѓани.