Од Кремљ во средата изјавија дека ги гледаат првите „позитивни сигнали“ по посетата на францускиот претседател Емануел Макрон на Киев, во врска со украинскиот конфликт.
„Имаше позитивни сигнали кога станува збор за одлуката на Украина да дејствува само врз основа на договорите од Минск, тоа е плус. Но слушнавме дека претседателот (на Украина, Владимир) Зеленски рече дека е подготвен брзо да му се посвети на тоа“, изјави за новинарите акредитирани во Кремљ, портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков.
Москва го обвинува Киев дека одбива да ги примени договорите од Минск од 2015 година, со коишто треба да се стави крај на вооружениот конфликт во источната украинска област Донбас, населена доминатно со руско и рускојазично население, во кој според податоците на ОН во осумте години војување загинале повеќе од 13.000 луѓе на двете страни.
Русија, којашто континуирано негира дека има поврзаност со судирот кој го нарекува внатрешноукраински конфликт, од Западот е обвинувана дека наводно го поттикнува судирот со давање воена и политичка поддршка на одметнатите самопрогласени републики во Луганск и Донецк по државниот преврат во Киев во март 2014 година.
Францускиот претседател Емануел Макрон в понеделникот, пред посетата на Киев, во Москва разговараше и со рускиот претседател Владимир Путин. По состанокот Макрон изјави дека Путин му „верил дека нема да биде причина за ескалации“.
Русија на границата со Украина распоредила повеќе десетици војници, но негира дека, како што ја обвинува Западот, подготвува инвазија врз соседната земја, и вели дека тоа е поради нејзината безбедност имајќи ги превид раздвижувањата на украинските сили на истокот од земјата.
Политичките советници на челниците на Украина, Русија, Франција и Германија, ќе се сретнат во четврток во Берлин во обидот да го обноват мировниот процес во Донбас. Ќе се разговара, исто така, за можна заедничка средба на шефовите на четирите држави.