Кремљ и Белата куќа ги потврдија разговорите во Анкара

Претставници на Вашингтон и Москва во понеделникот попладнето ги потврдија разговорите меѓу челниците на разузнавачките агенции на двете земји во турската престолнина Анкара, пренесуваат медиумите.

Руско-американските разговори „навистина се одржаа во понеделникот во Анкара, и тие беа одржани по иницијатива на САД“, потврдил за агенцијата ТАСС, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, без да даде повеќе информации за темата на разговорите, ниту на кое ниво биле одржани разговорите.

Малку подоцна и претставник на Советот за национална безбедност на Белата куќа ја потврдил информацијата за состанок во Турција на кој учествувале делегации на САД и на Русија, прецизирајќи дека бил фокусиран на „нивелирање“ од ризиците за примена на нуклеарното оружје.

„Ние бевме многу транспарентни во врска со фактот дека одржуваме канали за комуникација со Русија во однос на разговорите за управување со ризикот за нуклеарната и областа на стратешката стабилност“, изјави неименуван американски функционер за весникот Newsweek.

Агенцијата Reuters претходно повикувајќи се на неименуван извор од Белата куќа објави дека директорот на американската Централна разузнавачка агенција (CIA), Вилијам Барнс престојува во Турција каде се сретнал со челникот на руската агенција за надворешно разузнавање СВР, Сергеј Наришкин, „за да пренесе порака за последиците од евентуалното руско користење на нуклеарно оружје“ во Украина.

Украина однапред била известена за посетата на Барнс на Турција, рекол неименуваниот извор од Белата куќа за Reuters. Барнс „не разговара за спогодба по прашањето на војната во Украина, туку пренесува порака за последиците од руското користење на нуклеарното оружје“, рекол истиот извор.

Прв за средбата меѓу Барнс и Наришкин во понеделникот претпладнето пишуваше московскиот дневен весник Коммерсант, но не доби тогаш официјална потврда.

Турските власти официјално не ги коментираа медиумските извештаи за средбата меѓу челниците на американското и на руското разузнавање. Турската телевизија NTV, повикувајќи се на извор од турската тајна служба, тврдел дека средбата може да биде многу важна за воспоставување на контактите меѓу Вашингтон и Москва.