Односите меѓу Русија и Велика Британија тешко дека ќе станат поконструктивни со доаѓањето на Лиз Трус за премиер, со оглед на нејзините непријателски изјави против Москва, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
– Мислам дека во ситуацијата во која се сега билатералните руско-британски односи, можеме само да се надеваме на едно – дека нема да се влоши. Иако, тешко е да се замисли дали може да се влоши – рече Песков.
Како што додаде тој, судејќи според изјавите на Трас за Русија кога таа беше министерка за надворешни работи и кандидат за позицијата лидер на партијата, „со голема сигурност може да се претпостави дека не треба да очекуваме никакви промени на подобро“.
– Таа не кажа ништо добро за нас. Згора на тоа, со жалење може да се каже дека нејзините изјави против нас беа агресивни, непријателски и неконструктивни. Врз основа на тоа може да се претпостави дека ништо посебно нема да се промени во догледно време – изјави Песков за телевизијата „РБК“.
На прашањето дали е можно влошување на односите меѓу двете земји, портпаролот на Кремљ одговори дека „тоа не може да се исклучи, со оглед на непредвидливоста“.
– Нивните чекори се ирационални, преземаат чекори кои им штетат на сопствените интереси. Треба да бидеме подготвени за секаков развој – изјави Песков.
Лиз Трус ќе биде новата премиерка на Велика Британија откако победи во трката за претседател на владејачката Конзервативна партија.