Кремљ во четвртокот соопшти дека е подготвен за дијалог со американскиот претседател Доналд Трамп „со заемна почит“, откако тој се закани со нови санкции доколку Русија не постигне договор со Украина за прекин на конфликтот.
„Време е да се направи договор. Не сакам да ѝ наштетам на Русија. Го сакам рускиот народ и отсекогаш сум имал многу добри односи со претседателот (Владимир) Путин“, напиша Трамп во средата на својата социјална мрежа Truth Social.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во четвртокот рече дека не гледа „ништо особено ново“ во првичните изјави на Доналд Трамп во врска со Украина. Доналд Трамп „беше американскиот претседател кој најмногу ги користеше овие методи на санкции“, рече тој. Трамп беше претседател од 2017 до 2021 година.
„Ние, се разбира, внимателно ја следиме целата реторика, сите изјави. Внимателно ги бележиме сите нијанси, остануваме подготвени за дијалог, претседателот Путин зборуваше за ова во многу наврати. Кон рамноправен дијалог, кон заемно дијалог со почит – таков дијалог се одржуваше меѓу двајцата претседатели за време на првото претседателство на Трамп, и ние чекаме сигнали… кои сѐ уште не пристигнале“, рече Песков.
Трамп неколкупати изјави дека се подготвува да разговара со рускиот претседател, но не кажа кога тоа би можело да се случи. Путин, исто така, рече дека е подготвен да се сретне или да разговара со својот американски колега по должност.
Трамп во средата ѝ се закани на Русија со нови санкции доколку „сега“ не склучи договор со Украина за да стави крај на конфликтот што започна пред три години.
„Ако не постигнеме договор, брзо, нема да имам друг избор освен да ги зголемам даноците,царините и санкциите за сè што Русија може да им продаде на Соединетите држави, како и на другите земји што ќе се вклучени“, рече Трамп.
Во понеделникот, на денот на неговата инаугурација, Трамп првпат го повика Путин да постигне „договор“ за мир, бидејќи, според него, рускиот претседател „ја уништува Русија со тоа што не наоѓа решение“ за конфликтот.
Трамп за време на кампањата вети дека ќе ја заврши војната во Украина за „24 часа“, но не прецизираше како има намера да го стори тоа. Тој го назначи поранешниот генерал Кит Келог за пратеник во Украина.
Враќањето на Трамп на власт се смета за можна пресвртница за војната, но неговите намери се нејасни. САД обезбедуваат најмногу воена помош за Украина. Трамп го критикуваше ова за време на кампањата, но од неговата инаугурација не кажа дали има намера да ја прекине оваа помош.
САД веќе воведоа неколку рунди санкции и ембарга за увоз од Русија, кои се намалија од 4,3 милијарди американски долари од јануари до ноември 2023 година на 2,9 милијарди американски долари во истиот период минатата година. Меѓу главните увозни производи се ретките минерали, благородни метали, паладиуми, ураниум, вештачките ѓубрива и руди, но и руските енергенси кои САД ги набавуваат а потоа извезвуваат во трети земји.
Песков појасни дека Трамп често ги користел методите на санкции за време на неговиот прв мандат, но предупреди дека непријателските акции против Русија ќе имаат последици.
„Во исто време, обезбедувајќи помош за Украина, САД прават успешен бизнис: заработуваат пари со продажба на енергетски ресурси во Европа, отворање нови работни места во нивната земја и развивање на одбранбената индустрија преку воени нарачки“, посочи портпаролот на рускиот претседател.
За улогата на СССР во Втората свеска војна
Кремљ, исто така, не се согласува со изјавата на Трамп за „помошта од страна на Русија во победата на САД во Втората светска војна“, истакан Песков на редовниот брифинг со новинарите.
Во средата Трамп изјави дека Русија „им помогна на Соединетите држави“ да победат во Втората светска војна, по цена на речиси 60 милиони живои. Според официјалните податоци, во оваа војна која во Русија се нарекува Голема татковинска војна тогашниот Советски сојуз имал 27 милиони жртви.
„Америка навистина помогна. Таа имаше своја суштински придонес. Америка помогна, но има една нијанса. Америка секогаш заработува пари. За Америка секогаш тоа е бизнис“, рече Песков.
Потсети и посочи дека САД ги добила исплатите за заемите што во Втората светска војна му ги дала на СССР, а кои ги презема Русија по распадот на Советскиот сојуз и кои беа целосно исплатени во периодот кога на власт во Москва дојде Владимир Путин. Песков истакна и дека сепак најголемата жртва во војната со нацистичка Германија и нејзините сојузници ги платил тогашниот СССР.
„А војната, и целата сцена на воените дејствија и гинењето на десетициите милиони луѓе се случуваа на друг континент од Америка“, рече Песков додавајќи дека Москва се надева оти „Американците и американскиот претседател ќе ја споделат со Русија радоста на прославувањето на 80-годишните од победата над фашизмот“.