Кремљ не исклучува нова средба на првиот руски разузнавач со шефот на CIA

Нова средба на челникот на руската Служба за надворешно разузнавање (СВР) агенција Сергеј Наришкин и директорот на американската Централна разузнавачка агенција (CIA), Вилијам Барнс би можела да биде полезна, соопштија во вторникот од Кремљ без навестување кога тоа би можело да се случи.

На нивната средба, за којашто беше известена јавноста кон крајот на ноември, според американските извори, Барнс, кој е поранешен амбасадор во Москва ја предупредил Русија од последици доколку употреби нуклеарно оружје, како и за американските затвореници во руските затвори и на руските во американските затвори, но конкретно не било разговарано за војната во Украина. Руската страна, пак, ја потврди средбата но не изнесе никакви поединости за темите на кои се разговарало.

Наришкин за агенцијата ТАСС рекол дека новата средба е „можна“. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пак, на редовниот брифинг со новинарите одговорил дека средбата „не може да се исклучи“, како и дека „тој вид дијалог има смисла“, додавајќи дека не е запознаен со каков и да е потенцијален датум за средбата.

Барсн, кој зборува руски, во 2021 година допатува во Москва изразувајќи ги предупредувањата на Вашингтон за рускиот претседател Владимир Путин за разместувањето на војски околу Украина, за кои се покажа дека достигнуваат помалку од 100.000 војници со кои на крајот од февруари 2022 година беше изведена инвазијата.

Уште пред почетокот на војната во Украина, односите меѓу Русија и САД беа замрзнати на најниското ниво од Студената војна, откако Вашингтон се повлече од сите договори со Москва, од спогодбите за воздушни проверки до договорите за стратешкото нуклеарно вооружување. Покрај тоа, САД и НАТО кон крајот на 2022-ра го отфрлија предлогот на Русија да добие безбедносни гаранции со кои бараше Западот да ги повлече воените бази и ракетните системи подалеку од руските граници на просторот до 1997 година како и да престане со ширењето кон руските граници, според ветувањата од раните 1990-те години.

Во новогодишната порака Путин испрати сигнал дека Русија нема намера да отстапи пред напредувањата на Западот кон истокот, како и дека ги прекинува сите врски со западните земји и се свртува кон Азија, но и предупреди дека на заканите од НАТО одговара со испраќање во Атлантикот хиперсонични проектили, кои САД засега не ги поседуваат, а според воените аналитичари за таквите во моментов нема соодветна целосно ефикасна заштита.

Наришкин, во еден до своите ретки јавни настапи рече дека Русија и Кина сеопфатно соработуваат и дека Москва развива и разузнавачко партнерство со други земји, како на пример Иран. Потврди и дека во неколку наврати се слушнал со челниците на разузнавачките агенции на неколку европски земји околу ситуацијата во Украина.