Кремљ: Нуклеарната реторика на САД и ЕУ е провокација, НАТО ја потврди вмешаноста во Украина

Секојдневното употребување од страна на САД и европските земји на нуклеарната реторика претставува штетна и провокативна практика во што Русија нема да учествува, порача во средата портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, според кој вчерашната изјава на Јенс Столтенберг ги потврдува учеството на НАТО во војната во Украина.

Забелешката на Песков на редовниот брифинг за новинарите следеше откако американскиот претседател Џо Бајден во интервјуто за CNN изјави дека не верува во веројатноста дека рускиот претседател Владимир Путин ќе го употреби нуклеарното оружје оценувајќи го притоа како „рационален политичар“. Но истовремено Бајден потврди дека Вашингтон ја разгледува можноста за развој на таквото сценарио и одби да одговори на прашањето какви би биле последиците за Русија доколку употреби некој вид нуклеарно оружје во војната со Украина.

„Всушност, секојдневно изразуваме жалење што челниците на западните земји, САД и европските, секојдневно користат нуклеарна реторика и сметаме дека тоа е многу погубна и провокативна практика. А Русија не сака да учествува во тоа и не го прифаќа“, рече Песков.

Портпаролот на Кремљ одговори на новинарско барање да го коментира интервјуто на Бајден во кое се закани дека Путин не може неказнето да зборува за користење на нуклеарното оружје и дека е „можно да се направат грешки и погрешни процени“.

Од Москва повеќепати посочија дека уште со доаѓањето на должноста на американскиот претседател Џо Бајден, некои од сојузниците, во прв ред Велика Британија, инсистираа за промена на доктрината за употреба на нуклеарното оружје на воениот блок и на воведување ткн „превентивен удар“, како и дека токму новата британска премиерка Лиз Трас пред две седмици зборуваше за таква опција, на којашто често повикува и украинскиот претседател Владимир Зеленски. Руската страна, исто така, ги отфрла толкувањата на Западот дека изјавите на претседателот Путин дека „со сиот расположив арсенал“ ќе бидат бранети суверенитетот и интегритетот на земјата претставуваат закана со нуклеарно оружје.

Сепак, опцијата дека Русија наводно може да употреби тактичко нуклеарно оружје, е силно присутна и од западни и од некои руски функционери.

Истовремено во средата Песков на брифингот во Кремљ за новинарите оцени дека во вчерашното обраќање генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, потврдил дека северноатлантскиот воен сојуз војува на страната на Украина.

Портпаролот на рускиот претседател одговарајќи на новинарско прашање потврдно одговори дека такво признание може да се смета изјавата на Столтенберг дека „доколку Путин победи, тоа нема да биде само голем пораз за Украинците, туку и пораз и закана за сите нас“, како и дека НАТО не е дел од конфликтот, но дека неговата поддршка на Украина игра клучна улога во успехот на бојното поле.

На изјавата на Столтенберг дадена ден пред состанокот на министрите за одбрана на земјите членки на НАТО, во средата реагираше и заменикот претседател на рускиот Совет за безбедност, Дмитриј Медведев, нарекувајќи ја „директна потврда на сојузот за своето учество во војната против Русија“.