Кремљ: Нуклеарното оружје во Белорусија е одговор на ширењето на НАТО

Северноатлантскиот воен сојуз е тој кој се шири кон Русија, поради што Москва е присилена да презема чекори за заштита на својата безбедност, истакна во четвртокот портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

На редовниот дневен брифинг за новинарите акредитирани во Кремљ, Песков ги појасни причините за носењето одлука Русија да го размести своето тактичко нуклеарно вооружување во Белорусија, со којашто има договор од 1990-те за Сојузна држава, отфрлајќи ги критиките од генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Столтенберг во средата рече дека тој потег на Русија ја негира неодамнешната заедничка руско-кинеска изјава во која се наведува дека државите не би требало да нуклеарно оружје надвор од своите граници. Москва и Пекинг во прв ред ги имаа предвид разместувањето на нуклеарните ракети на САД во Европа, а руската страна во случајот на Белорусија вели дека станува збор за тактичко нуклеарно оружје со далеку помала моќност и оти со договорот за Сојузната држава е обврзана да ја гарантира и безбедноста на Белорусија, чиј претседател Александр Лукашенко претходно го појасни чекорот со зголемувањето на трупите на НАТО на нејзините граници, како и разместување на ракетни системи вклучително и од страна на Украина.

„НАТО е тој што се шири кон Русија, Русија не е таа којашто ја поместува својата воена инфраструктура кон границите на НАТО“, рече Песков на барање да ја коментира изјавата на Столтенберг.

Ова ќе биде првото распоредување на дел од рускиот нуклеарен арсенал надвор од границите на земјата, по распадот на Советскиот сојуз. Минатата година Русија во Белорусија стационираше проектил „Искандер-М“ кој може да носи нуклеарна боева глава. Од минатата седмица на руските воени полигони се увежбуваат белоруските пилоти на борбени авиони кои се вооружени со тактичко нуклеарно оружје.

Финска во вторникот стана членка на НАТО, со што границата меѓу Алијансата и Русија се удвои за дополнителни 1.300 километри, а се очекува наскоро членка да стане и Шведска, додека руската инвазија во Украина спречи оваа соседна земја барем засега да се приклучи на западниот воен блок, по тесната соработка изминатите осум години.

Русија најави дека внимателно ќе го следи разместувањето на силите на НАТО на територијата на Финска и дека соодветно ќе одговори.

„Овој потег ја зголемува нашата загриженост и грижата за нашата безбедност… и ние ги преземаме мерките за да ја зајакнеме својата безбедност. И така ќе биде секогаш кога НАТО ќе им се приближи на нашите граници, за повторно да ја урамнотежиме безбедносната архитектура на континентот“, рече Песков.

Рускиот претседател Владимир Путин, кој уште минатото лето кога Финска и Шведска го поднесоа барањето за членство во НАТО рече дека тоа не ја менува досегашната позиција имајќи предвид дека двете скандинавски земји со децении одржуваат тесна воена соработка и маневри со Алијансата, во четвртокот во Москва ги започна разговорите со белорускиот претседател Александр Лукашенко.

Се очекува дека двајцата челници ќе разговараат и за прашањето на распоредувањето на руското нуклеарно оружје. Русија не објави прецизен рок кога тоа ќе го стори, но Путин рече дека градењето на складиштата за тој вид оружје треба да биде довршено до почетокот на јули.