Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, ги негираше тврдењата на поранешниот британски премиер Борис Џонсон дека наводно рускиот претседател Владимир Путин му се заканувал со ракетен напад во телефонскиот разговор непосредно пред почетокот на руската воена интервенција во соседна Украина.
За телефонскиот разговор со Путин, Џонсон зборува во документарниот филм на BBC кој подоцна во понеделникот ќе биде емитуван а исечоци од него утрово пренесоа британските медиуми. Според поранешниот британски премиер тој ги предупредил рускиот претседател дека ќе слад санкции од Западот доколку дојде до руски напад врз Украина на што соговорникот му се заканил со ракетен напад.
„Во еден моменти ми се закани и рече ‘Борисе, не сакам да те повредам, но со проектил тоа би траело само минута’ или нешто слично. Весело“, вели Џонсон во врска со „многу долгиот“ и на „најчудниот’ телефонски разговор од февруари 2022 година кој следел по неговата посета на Киев.
„Но мислам дека имајќи го предвид неговиот многу опуштен тон, некаква дистанцираност која ја имаше, само се правеше дека се согласува со моите обиди да го натерам на преговори“, рекол Џонсон.
Песков на редовниот дневен брифинг за новинарите акредитирани во Кремљ одговорил дека тоа едноставно не е вистина или „попрецизно е лага“.
„Не тоа што го кажал г-дин Џонсон, не е точно, поточно тоа е лага. А згора на тоа, ќе кажам, доколку тоа е свесна лага, тогаш, веројатно прашањето е со која цел тој ја избрал таквата варијанта на претставување или, пак, тоа било несвесно или всушност тој не разбрал за што со него зборува претседателот Путин. Тогаш станува помалку непријатно за соговорниците на нашиот претседател“, одговори портпаролот на рускиот челник.
Песков додаде дека е запознаен со содржината од споменатиот разговор меѓу Путин и Џонсон
„Знам за што се разговараше во текот на тој разговор и уште еднаш официјално ќе повторам: тоа е лага. Немаше никакви закани за ракетен напад. Зборувајќи за предизвиците за безбедноста на Русија, претседателот Путин истакна дека доколку Украина се приклучи на НАТО, потенцијалното распоредување на американските проектили на нашите граници ќе значи дека секој проектил ќе стаса до Москва за неколку минути“, појасни Песков.
Портпаролот на Кремљ оцени притоа дека доколку и остатокот до документарецот со Џонсон е во иста насока, тогаш не треба да се „губи времето со него“.
Како што во понеделникот пишува весникот The Telegraph, Џонсон во документарниот филм вели дека имал „многу долг, неверојатно долг разговор“ со рускиот претседател во текот на кој тој му се заканил на Путин со санкции од Западот поради тогаш сѐ уште многу веројатната руска воена интервенција во Украина.
„Тој рече ‘Борис, вие зборувате дека Украина нема наскоро да се приклучи на НАТО. За која временска рамка зборувате?’ А јас одговорив ‘Па, таа не планира да влезе во НАТО во догледна иднина. Вие тоа многу добро го знаете’“, вели Џонсон.
Притоа поранешниот премиер оценува дека мали биле шансите Украина да дојде до прием во НАТО, во прв ред поради позициите на Франција и Германија по тоа прашање. Според Џонсон, во разговорот со Путин тој уверувал дека нападот врз Украина ќе биде „целосна катастрофа“. Џонсон, исто така, ветил дека Лондон во тој случај ќе ги поддржи властите во Киев.
Споменатиот телефонски разговор меѓу Путин и Џонсон се одржал на 2-ри февруари 2022 година. Тогаш, како што извести Кремљ, биле разменети мислења за тогаш сѐ уште внатрешната криза во Украина меѓу прозападната власт во Киев и проруските сепаратисти на истокот од земјата, за безбедносните гаранции кои во декември 2021 година ги бараше Русија од САД и НАТО. Путин притоа ја истакнал неподготвеноста на НАТО соодветно да одговори на „основаната руска загриженост“, како и за континуираното одбивање на Киев да ги спроведе договорите од Минск од 2014/2015 година на кои гаранти беа и Германија и Франција.