Кремљ откри дел од содржината на разговорот меѓу Путин и Бајден

(Adam Schultz/The White House via AP)

Телефонскиот разговор меѓу рускиот и американскиот претседател, Владимир Путин и Џо Бајден, бил „конкретен и значаен“, изјави доцна ноќта кон петокот по 50 минутниот разговор на двајцата челници, помошникот на рускиот претседател Јуриј Ушаков.

„Во принцип, ние сме задоволни од контактот, разговорите кои се одржаа денеска, бидејќи тие имаа искрен, суштински и конкретен карактер. И можам да кажам дека генерално, насоката на овој разговор беше доста конструктивна“, изјавил за новинарите Ушаков кого го цитира агенцијата РИА.

Ушаков истакнал дека американската страна покажала желба да ја сфати логиката и суштината на руската загриженост од проширувањето на НАТО на истокот и распоредувањето трупи и стретешки оружја во близина на границите на Русија, кои минатата седмица во два документа Москва му ги претстави на Вашингтон.

Путин и Бајден, според Ушаков, биле добро подготвени за разговорот и се договориле да го продолжат дијалогот по Нова година. Рускиот дипломат истакнал дека „ова не беше чисто предновогодишен разговор, божикно дружење“. „Точно еден ден пред Новата година се случи навистина важна политичка активност“, рекол Ушаков.

 

Голема грешка

Бајден во разговорот со Путин, како што претходно навести, спомнал „разорни санкции со големи размери“, на што рускиот претседател одговорил дека тоа би претставувало голема грешка којашто може да доведе до целосен прекин на односите меѓу двете земји, рекол Ушаков.

Рускиот челник, како што рекол неговиот помошник, истакнал дека таквите санкци ќе доведат до многу сериозни последици кои идните поколенија ќе ги оценат како голема грешка, како и дека Москва се надева дека тоа нема да се случи.

Путин, исто така, му кажал на Бајден дека Русија ќе се однесува онака како што би се однесувале САД во однос на осигурувањето на нивната безбедност.

„Нашиот претседател истакна дека во оваа доста тешка ситуација ќе се однесуваме како што би се однесувале САД доколку офанзивно оружје биде распоредено во близина на американските граници“, рекол Ушаков.

Според него, Путин на секој можен начин се одбидел да му ја пренесе на Бајден оваа клучна порака.

Гарантирана безбедност на Русија

Рускиот претседател во разговрот со американскиот колега детално ги истакнал основните принципи во документите за стратешките безбедносни гаранции кои ги бара Москва од САД и од НАТО, додал Ушаков.

„(Путин) Истакна дека за нас се важни преговорите на трите колосека, но најважно е дека ни е потребен резултат кој ќе биде постигнат со правно обврзувачки договор како гаранција за безбедноста на Русија“, рекол помошникот на рускиот претседател.

Руските и американските функционери кои ќе дискутираат по предлозите на Москва на 10-ти јануари ќе се сретнат во швајцарска Женева. По таа средба предвиден е и состанок на Совето НАТО-Русија на 12-ти јануари, како и поширока конференција на 13-ти јануари во коишто покрај Москва и Вашингтон ќе учествуваат и некои европски земји преку форматот на ОБСЕ.

„Нормално, преговарачкиот процес значи дека ќе земеме предвид некои размислувања на американската страна или воопшто на нашите партнери меѓу западните земји. Но главното за нас не е компромис, туку да ги осигуриме безбедносните гаранции кои ни се неопходни. Тоа е смислата на нашата позиција. Ќе се залагаме за тоа“, додал Ушаков.

 

Како ќе се водат преговорите во Женева

Преговорите за бебзедносните гаранции кои ги бара Русија ќе се одвиваат на три колосека: во швајцарска Женева е се водат директните преговори меѓу руски и американски претставници, во Виена во рамките на ОБСЕ, а во Брисел во рамките на Советот НАТО-Русија.

„Путин рече дека им придаваме големо значење на преговорите, но оти тие не треба да се претворат само во муабетење. Не го очекуваме самиот процес на договори, туку конкретни резултати“, рекол Ушаков.

Одговарајќи на прашање дали Москва му поставила некакви рокови на Вашингтон, помошникот на рускиот претседател рекол „Да видиме како ќе се одвиваат преговорите, ден-два, трите рунди. Потоа ќе ги извлечеме заклучоците“.

Процесот на преговорите во Женева, меѓу руската и американската страна ќе се одвива под лична контрола и надзор на Путин и Бајден, додал Ушаков.

„Во врска со тоа и двајцата претедатела се согласија да ги одржуваат телефонските контакти и да им наложат на соодветните помошници во двете администрации да одржуваат контакти“, додал Ушаков.

Успехот на преговорите за безбедносните гаранции е доведе до нормализација на билатералните односи меѓу Русија и САД, уверен е Ушаков.