Кремљ порача дека руската воена операција во Украина ќе заврши со успех

Кремљ во понеделникот порача дека Русија ќе ги оствари своите објавени воени цели во Украина, откако Киев и Западот објавија за напредување на боиштето.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на редовниот брифинг со новинарите на прашањето дали претседателот Владимир Путин верува во својот воен врв, одговори дека „специјалната операција“ во Украина ќе продолжи додека не ги оствари своите задачи.

„Воената операција продолжува. И ќе продолжи додека целите што ги поставивме на почетокот не бидат остварени“, рече Песков.

„Секако, врховниот командант е известен за сите воени акции кои се изведуваат. Претседателот постојано е во контакт со министерот за одбрана и с сите воени команданти. Поинаку не може да биде во текот на специјална воена операција“, додаде портпаролот на Кремљ.

На Западот се смета дека „секавичната украинска противофанзива“ Киев заземал 3.000 квадратни километри за само неколку дена. Западните аналитичари тврдат дека под притисокот на украинската противофанзива, руското Министерство за одбрана во текот на викендот најавило повлекување на одредени руски единици од Херковската област.

Официјално од Москва соопштија дека станува прегрупирање на силите, а на некои правци кои не се стратешки важни се сака да се избегне опколување на единиците. Воените аналитичари, исто така, предупредуваат на можна стратегија на рускиот воен врв и дека сигурно претстои одговор на руската војска.

На прашањето дали Путин поради новата ситуација на боиштето ќе нареди општа мобилизација, Песков изјави дека тоа прашање треба да биде поставено на Министерството за одбрана кое ги прави процените. Путин, како врховен командант, досега не ги мобилизираше руските воени резервисти чијшто број се проценува на околу два милиона. Исто така, на оние кои што сакаат како доброволци да заминат на украинското боиште не им се овозможува земање неплатено отсуство.

Песков, одговарајќи на новинарско прашање рече и дека Русија не гледа никакви изгледи за мировните преговори со Украина, ниту основа за тоа. Последниот состанок на преговарачките тимови на Москва и Киев беше во Истанбул кон крајот на март по што беше објавено дека двете страни дошле до приближување на ставовите. Но на почетокот од април следеа две ненајавени посети на Киев од сега поранешниот британски премиер Борис Џонсон и американскиот министер за одбрана Лојд Остин, по што нагло дојде до прекин на комуникацијата меѓу преговарачите.

Портпаролот на Кремљ, исто така, рече дека не се разговара за можно демилитаризација на областа околу нуклеарната централа Запорожје што би подразбирало повлекување на руските единици кои ја заземаа областа на почетокот од инвазијата. Таквата варијанта ја изнесоа од Киев, а ја препорача и Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA) чија мисија ја посети централата. Но Москва е лута затоа што оваа агенција на ОН јасно не се изјасни за тоа кој го гранатира комплексот заканувајќи се предизвикување хаварија на најголемата во Европа нуклеарна централа.