Кремљ во понеделникот објави дека верува оти на Европа ѝ е потребна „нова безбедносна архитектура“ и дека тоа ќе бара многу напор во иднина.
Ова го одговори портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на новинарско прашање на редовниот брифинг со акредитираните новинари, коментирајќи ја изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон дека односите на Европа со Русија треба да се преиспитаат по војната во Украина.
„Треба да размислуваме за мир во нова форма. Треба да ја земеме предвид географската реалност на Европа, која не е ограничена ниту од ЕУ, ниту, секако, од НАТО. Треба да размислуваме за нова форма на организација на Европа и да се преиспитаат односите со Русија во иднина, како и мирот на овој континент“, рече францускиот претседател Макрон.
Макрон потсети дека сегашниот светски поредок се појавил по Втората светска војна, кога некои од густо населените земји што постојат денес сè уште не постоеле, затоа, според него, тој е нецелосен и неправеден.
„Очигледно, поради фактот што безбедносната архитектура на Европа брзо се менува, неопходно е да се изгради нова безбедносна архитектура за Европа, што ќе бара многу напор во иднина“, изјави Песков за новинарите, пренесува агенцијата РИА.
Песков, исто така, рече дека секоја идна структура треба да ја гарантира руската безбедност преку цел систем на гаранции.
Москва неколку месеци пред почетокот на нејзината инвазија во Украина испрати безбедносен нацрт-оговор во десетина точки до САД и НАТО за постигнување безбедносен договор со кој ќе се гарантира безбедноста на Русија, но Вашингтон и Брисел експресно го отфрлија без воопшто и да го коментираат.
За планот на Зеленски да стави крај на војната
На денешното новинарско прашање за „Планот за победа“ на украинскиот претседател Володимир Зеленски за ставање крај на војната со Русија, Песков рече дека Кремљ ќе го проучи доколку има официјални информации за планот.
„Сметаме дека извештаите во медиумите не треба да се анализираат. Доколку информациите за ова се појават во официјални извори, ние, се разбира, внимателно ќе ги испитаме. Има многу контрадикторни и неверодостојни информации за ова прашање. Затоа, ние сме многу внимателни околу тоа“, рече Песков.
Украинскиот претседател Зеленски треба да го претстави планот на американскиот претседател Џо Бајден и неговите двајца потенцијални наследници, Камала Харис и Доналд Трамп, оваа седмица.
Зеленски отпатува за Соединетите држави, каде во вторник ќе одржи говор пред членовите на Генералното собрание на ОН. Планот, чии детали Зеленски сè уште не ги објавил во јавноста, се чини дека е голем поттик за украинскиот претседател во неговите напори да го убеди Вашингтон и другите сојузници да обезбедат дополнителна и уште подарежлива помош за неговата земја за да ја принуди Москва да стави крај на конфликт на услови прифатливи за Киев.
Русија ја обвинува Украина за убиство на цивили во нападите на Курск
Руското Министерство за надворешни работи во понеделникот објави дека најмалку 56 цивили се убиени а 266 се ранети за време на седумнеделниот упад на Украина во југозападниот руски регион Курск.
Портпаролот на украинското Министерство за надворешни работи во понеделникот изјави дека Украина се придржува до меѓународното хуманитарно право и дека не е насочена кон цивили како дел од упадот во регионот Курск. Меѓутоа, не одговори на снимките кои ги презентираат руските медиуми, како и на изјавите на заробените украински војници кои говорат за егзакуции на цивили, и тоа првенствено од страна на странските платеници ангажирани од Киев во упадот во Курск.