Кремљ предупредува на опасност од прелавање на судирот во Израел на регионот

Кремљ во понеделникот изрази „крајна загриженост“ поради војната во Израел и во палестинските области, предупредувајќи дека тој може да се прошири на Блискиот исток, а шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров со Арапската лига работи во прв ред на запирање на крвопролевањата.

„Крајно сме загрижени. Со голема загриженост следиме што се случува со Израел и со Блискиот исток. Ситуацијата, секако, е набиена со закана да се прошири, поради тоа сме многу загрижени“, изјави на дневниот редовен брифинг со новинарите акредитирани во Кремљ, портпаролот Дмитриј Песков.

Најкрвавиот, најорганизиран и најдобро координиран напад на палестинските радикали во Израел и одмазничкиот удар на израелската војска досега однесе над 1.100 жртви на двете страни, започна во саботата утрото кога исламистичкото движење Хамас продре на израелска територија влегувајќи во воени бази и бројни населби и градови на југот на Израел кој возврати со удар врз Појасот Газа.

Израелските копнени сили во понеделникот сѐ уште се борат да ја повратат контролата врз пограничните села и градови заземени од палестинските милитанти. Според израелски безбедносни извори, сѐ уште борбите се водат на пет локации на израелска територија.

„Веруваме дека е неопходно ситуацијата да биде изведена на патот на мирно решавање што поскоро, бидејќи продолжувањето на таквото насилство се заканува со натамошна ексалација и ширење на судирот. Тоа е голема опасност за регионот“ на Блискиот исток, предупреди Песков.

 

Руската дипломатија и Арапската лига

Руската амбасада нема информации за тоа колку руски државјани во Израел се ранети или загинале, имајќи предвид дека по распадот на СССР многу државјани од советските републики со руско државјанство а со еврејско потекло се преселија во Израел. Москва е во контакт и со Палестинците во обидот да дознае дали има руски државјани меѓу настраданите во израелските напади во Газа.

„Русија и Арапската лига заедно ќе работат на тоа да го запрат крвопролевањето во Израел и Газа“, изјави во понеделникот рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров кој во Москва се состанува со генералниот секретар на оваа организација која ги обединува арапските земји и во која свои претставници имаат и Палестинците.

„Сигурен сам дека Русија и Арапската лига во прв ред ќе работат на тоа да се запре крвопролевањето, и тоа со земјите коишто сакаат траен мир на Блискиот исток“, изјави Лавров.

Шефот на руската дипломатија оцени дека е „неопходно не само да се запрат судирите, да се реши проблемот со цивилите, туку и да се утврдат причините поради коишто израелско-палестинското прашање сѐ уште нема решение“.