Кремљ предупредува на судир со НАТО доколку сојузниците испратат војници во Украина, Макрон жестоко критикуван во Франција

Кремљ во вторникот предупреди дека ќе биде неизбежен директниот воен конфликт меѓу Русија и НАТО доколку европските членки на Алијансата испратат свои војници во Украина, како што тоа во пнеделникот вечерта го навести францускиот претседател Емануел Макрон на средбата со претставниците на дваесетте најголеми европски поддржувачи на власта во Киев а за што во вторникот беше жестоко осуден од француските опозициски политичари.

Во понеделникот францускиот претседател Емануел Макрон ја отвори можноста за испраќање војници во Украина, иако истакна дека засега нема договор за тоа.

„Фактот дека се разговара за можноста членките на НАТО да испратат одредени контингенти во Украина е многу важен нов елемент“, им рече на новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на редовниот дневен брифинг прашан за коментар за изјавите на Макрон.

На прашањето каков би бил ризикот од директен конфликт меѓу Русија и НАТО во тој случај, Песков одговори: „Во тој случај, ќе треба да зборуваме не за можноста, туку за неизбежноста (на директен конфликт)“.

Москва инаку повеќепати ги обвини западните земји дека на боиштето во Украина се присутни уште по превратот во Киев во 2014 година, како со високи офицери кои учествуваат во планирањето и изведувањето на борбените операции на украинската војска, така и со војници кои даваат наводни откази во армиите на земјите членки на НАТО и во Украина војуваат како доброволци или платеници.

Висок украински функционер изјави дека разговорите на западните земји за директна воена интервенција во Украина „се добра работа“ и „покажуваат дека постои свест дека руската агресија е закана за Европа“. „Пред сè, тоа покажува апсолутна свест за ризиците што ги носи Европа од милитаристичка, агресивна Русија“, рече советникот на претседателот Михајло Подољак.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека НАТО не планира да испрати свои сили во Украина. Чешкиот и полскиот премиер Петр Фиала и Доналд Туск и унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто изјавија дека нивните земји не размислуваат да испратат свои војници во Украина.

„Убеден сум дека треба да ги зајакнеме формите на помош што ги даваме од почетокот на руската агресија“, рече Фиала на заедничката прес-конференција со Туск во Прага.

„Верувам дека не треба да отвораме некои други методи или начини“, посочи Фиала, додавајќи дека сегашниот фокус е на воената помош и хуманитарната и економската поддршка за Украина.

„Полска не планира да испраќа свои војници на територијата на Украина. Мислам дека денес не треба да шпекулираме дали во иднина ќе има околности кои би можеле да го променат тој став“, изјави Туск.

Словачкиот премиер Роберт Фицо, кој се противи на испраќање воена помош за Украина, пред состанокот во Париз изјави дека неколку членки на НАТО и ЕУ размислуваат да испратат војници на билатерална основа и предупреди дека тоа ќе го разгори конфликтот.

„Позицијата на Унгарија е јасна и цврста: не сакаме да испраќаме оружје или војници во Украина. Војната не треба да се продлабочува или да се прошири, туку да се стави крај“, напиша Сијарто во вторникот на социјалните мрежи.

Официјален претставник на Белата куќа за Reuters во понеделникот изјавил дека ниту САД, ниту НАТО не планираат да испратат војници во Украина.

 

Макрон на удар на критики во Франција

Изјавите на Макрон за можно испраќање француски војници во Украина во вторникот беа жестоко критикувани и од левата и од десната опозиција во Франција.

„Војна против Русија би била лудост“, реагираше челникот на радикалната левица Жан-Лук Меланшон, нарекувајќи ги изјавите на Макрон „неодговорни“. „Нема војна! Крајно време е да се преговара за мир во Украина со меѓусебни безбедносни клаузули“, посочи Меланшон.

Претседателот на крајно десничарското Национален собир, Жордан Бардела, оцени дека Макрон секојдневно „ја губи ладната глава“. „Спомнувањето на конфликтот на нашите војници со нуклеарната сила (Русија) е толку сериозно колку што е непромислено“, рече Бардела.

„Емануел Макрон ја игра улогата на воен водач и толку безгрижно зборува за животите на нашите деца“, изјави основачката и лидерката на Национален собир, Марин Ле Пен.

„Оваа изјава на Емануел Макрон, полна со страшни последици, беше дадена без никаква парламентарна дебата. Дали навистина е разгледана оваа позиција?“, праша Ерик Чиоти, претседател на најголемата опозициска конзервативна партија Републиканци од десниот центар.

Испраќањето француски војници во Украина ќе биде почеток на Третата светска војна, предупреди на социјалната мрежа Х лидерот на француската националистичка партија „Патриоти“ Флоријан Филипот, нарекувајќи го францускиот претседател Емануел Макрон „лудак“ и повика да се блокираат неговите намери во парламентот.

„Испраќање француски војници во Украина: Макрон е луд… Ова очигледно ќе биде војна со Русија, Трета светска војна! Да ја блокираме! Да се ​​повикаме на членот 35 од Уставот за објавување војна!“, напиша Филипо на својото профил.

Макрон по завршувањето на конференцијата за помош на Украина во понеделникот во Париз рече дека сите опции се отворени за да се осигура дека Русија нема да победи во војната против Украина. Макрон рече дека засега нема консензус за употреба на копнени трупи на состанокот на над 20 шефови на држави и премиери од Европа како и претсавник на САД, но дека ништо не може да се исклучи во однос на идната динамика. „Секоја земја може самостојно и суверено да одлучува за распоредување на копнени трупи“, рече Макрон.

На состанокот беше одлучено да се формира коалиција за снабдување на Украина со ракети за напади далеку зад руските линии, рече францускиот претседател, но тоа бездруго ќе доведе до ескалација на војната во Украина и нејзино преминување во целосна руска инвазија без задршки во поглед на користењето на вооружувањето и целите, како што веќе предупреди Кремљ.

„На краток рок, неопходно е да се мобилизира дополнителна муниција за Украина од сопствените резерви“, додаде Макрон.

Како што војната во Украина влегува во третата година, Макрон рече дека „однесувањето на Москва станува сè поагресивно на политичко ниво и на првите линии во Украина“, алудирајќи на почетокот на бавните но континуирани напредување на руските сили кон западните украински региони.

„Русија не смее да победи во војната“, нагласи Макрон, велејќи дека поддршката не смее да се поколеба и дека поддржувачите на Украина мора да ги засилат своите напори.

Зголемената помош за Украина во поглед на пари и оружје мора да се мобилизира и колективно и на национално ниво, рече тој. „Ние сме во процес на обезбедување на нашата безбедност денес и утре“, рече Макрон.