Кремљ претпазлив за кандидатурата на Камала Харис

Кремљ е внимателен во проценките во понеделникот околу можноста Камала Харис да се кандидира за претседател на САД, велејќи дека потпретседателката не дал забележителен придонес во односите со Москва освен непријателска реторика.

Американскиот претседател Џо Бајден во неделата се откажа од својата кандидатура за нов претседателски мандат под зголемен притисок од неговите партиски колеги демократи и ја поддржа потпретседателката Харис како кандидат на партијата да се соочи со републиканецот Доналд Трамп на изборите во ноември.

Запрашан дали Русија е изненадена од потегот на Бајден, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков одговори дека настаните во САД во последните години ја научиле Москва дека ништо не треба да зачудува и дека во секој случај Русија има различни приоритети.

„Она што се случува во САД во последните години не научи дека ништо не може да не изненади. Не бевме многу изненаден“, изјави Песков за новинарите.

За Русија, рече Песков на редовниот дневен брифинг со новинарите акредитирани во Кремњ, приоритет е да се постигнат целите на она што претседателот Владимир Путин го нарекува специјална воена операција во Украина, започната кон крајот на февраури 2022 година.

Кремљ засега не може да процени што би значела кандидатурата на Харис за односите меѓу двете земји, бидејќи Москва досега не забележала никаков нејзин придонес во тие односи, освен некои случаи на непријателска реторика, рече Песков.

„Во овој момент не можеме да ја оцениме потенцијалната кандидатура на г-ѓа Харис од гледна точка на нашите билатерални односи, бидејќи досега не е забележан нејзиниот придонес во нашите билатерални односи. Имаше изјави кои беа полни со доста непријателска реторика кон нашата земја, но нејзините постапки во однос на билатералните односи немаат ниту плус ниту минус“, рече портпаолот на рускиот претседател.

Харис во неколку наврати изрази поддршка за украинскиот претседател Володимир Зеленски и ја обвини Русија дека води „варварска и нехумана“ војна.

На прашањето дали Путин и Харис некогаш се сретнале или имале некаков контакт, Песков рече: „Да бидам искрен, не можам да се сетам на контакт меѓу претседателот Путин и г-ѓа Харис“