Испораките на американските системи за противвоздушна одбрана на Киев ќе го направата конфликтот подолг и поболен за Украина, но нема да ги променат целите на Русија, предупреди во вторникот портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Претходно во понеделникот ноќта Белата куќа извести дека американскиот претседател Џо Бајден му ветил на украинските претседател Владимир Зеленски дека САД на Киев ќе му испорачаат напредни противвоздушни системи, откако во понеделникот во масовниот руски ракетен напад беше разорена украинската енергетска инфраструктура.
„Претседателот Бајден вети дека на Украина ќе продолжи да ѝ дава поддршка потребна да се одбрани, вклучително и напредни системи за противвоздушна одбрана“, се наведува во соопштението на Белата куќа објавено по телефонскиот разговор.
„Како и вие, вчера дознавме за таквите намери од официјалните изјави за системите за противвоздушна одбрана. Повторувам уште еднаш, тоа ќе го направи конфликтот подолг и поболен за украинската страна, но тоа нема да ги промени нашите цели и конечниот резултат“, изјави Песков на редовниот брифинг со новинарите во Кремљ.
Портпаролот на рускиот претседател, покрај тоа, ја коментираше и изјавата на поранешниот командант на Здружениот генералштаб на САД, Мајкл Мален, во која повика „да се стори сѐ за да се доведат Русија и Украина на преговарачката маса“.
„Не знаеме колку сегашната администрација, сегашните воени команданти во САД го слушаат мислењето на нивните поранешни колеги… Досега слушавме официјални изјави од актуелната администрација, сегашните команданти за нивните намери да продолжат да испорачуваат оружје и дополнително да го одолговлекуваат овој конфликт“, истакна Песков.
Притоа нагласи дека Русија ќе продолжи да ги решава своите задачи.
„Најважно ни е никому да не му биде полошо. Најважно е да се подобрува, така што мораме нашите цели да ги постигнеме делотворно и ефикасно, што всушност и се случува“, заклучи Песков.
Само САД досега само од почетокот на војната на крајот од февруари ѝ испорачаа на Украина воена помош од 16,8 милијарди долари, а наметнаа низа санкции без преседан во историјата против Русија. На тоа се надоврзуваат и големите испораки на оружје и опрема од Велика Британија, како и земјите членки на НАТО и ЕУ. Москва, пак, од своја страна повеќепати предупредуваше дека испораките на западно оружје во Киев само го продолжува судирот, како и дека транспортите на тие оружја стануваат легитимни цели на руската војска, што потенцијално е ризик од евентуален инцидент меѓу руските и западните војски.