Кремљ разгледува „натамошни чекори“ поради „британската врска“ со инцидентите на Северен тек

Русија ќе разгледува преземање „натамошни чекори“ по тврдењата дека воени специјалци на Велика Британија се вклучени експлозиите на двата руски гасовода Северен тек во Балтичкото Море, и откако се појавија пораки во врска со тоа од поранешната британска премиерка Лиз Трас до американскиот државен секретар Ентони Блинкен веднаш по експлозиите и додека јавноста не знаеше воопшто за инцидентот па ниту за причината која довела до него

Минатата седмица руското Министерство за одбрана објави дека припадници на специјалните сили на британската воена морнарица, кои имаа штаб во Очакив, во украинската област Миколаев, учествувале во „планирањето, осигурувањето и спроведувањето на терористичките напади“ врз гасоводите Северен тек 1 и Северен тек 2.

Според Москва, истите британски специјалци ги воделе и подготовките за нападот со воздушни и подводни дронови врз цивилни и воени бродови во црноморското пристаниште Севастопол, историското седиште на руската Црноморска флота на Крим, од зоната на безбедниот коридор по кој се извезуваат житарките од Украина, за што биле обучувани припадниците на 73-от Специјален центар за поморски операции на украинската војска.

Западните онлајн медиуми, вклучително и популарната американска онлјан платформа Reddit и порталот 19FortyFive, отворија дискусии за тврдењата на основачот на услугите за споделување датотеки Megaupload и Mega, Ким Дотком (Ким Шмиц), дека поранешната британска премиерка Лиз Трас наводно веројатно испратила порака до американскиот државен секретар Ентони Блинкен со текстот „‘it’s done’ (готово е/ сторено е)“ веднаш по инцидентот.

„Како Русите дознаа дека Британија ги разнесе гасоводите Северен тек задно со САД? Затоа што Лиз Трас го користеше својот iPhone за да му испрати порака на Блинкен во која се наведува ‘Сѐ е сторено’ една минута по експлозијата на гасоводот и пред некој друг воопшто да знае за тоа“, објави Дотком (Шмиц) на својот профил на Twitter.

Претприемачот притоа тврди дека информацијата дошла не од тој телефон на Трас, кој според медиумите бил хакиран. Дотком не појаснува од каде ја поседува информацијата и на што се заснова неговото тврдења.

Истовремено западните мејнстрим медиуми воопшто не ги регистрираа изјавите на Дотком. Додека руските им посветуваат внимание но и тие немаат официјална потврда на оваа информација.

„Постојат докази дека Британија е вмешана во саботажата… во терористички чин на клучната енергетска инфраструктура. Таквите акции не може да бидат оставен настрана. Секако, ќе размислиме за натамошните чекори. Дефинитивно, тоа не може да се остана на ова“, рекол во вторникот Дмитриј Песков на инсистирање за коментар на новинарите акредитирани во Кремљ.

Западните медиуми забележуваат дека Москва досега не понудила никакви докази дела Лондон стои зад експлозиите на гасоводите Северен тек 1 и Северен тек 2.

Песков рекол дека Москва ќе ја чека стручната процена на штетата и дека сѐ уште не се донесени одлуки за иднината на Северен тек 1 или Северен тек 2. Поради истекувањата и отворите на цевководите постоеше трајно да биде оневозможено функционирањето на рускиот енергетски проект вреден над 20 милијарди долари, со кој рускиот гас се испорачуваше во Германија и Европа.

Данските, шведските и германските власти, врз основа на засебните истраги заклучија дека истекувањето на гасот е предизвикано од експлозии, но не сакаат да посочат кој е одговорен, правдајќи се дека тоа може да ја загрози безбедноста.

 

Сомнежите за саботажа на гасоводите Северен тек 1 и Северен тек 2 во шведските и данските води на Балтичкото Море се засилија во во втората седмица на октомври откако шведската безбедносна полициска агенција SAPO го заврши увидот на местото на инцидентот и во соопштение за медиумите извести дека експлозии предизвикале значителна штета на цевководите. Шведската безбедносна агенција ја води прелиминарната истрага за инцидентот со истекувањето на гас од двата руски гасовода по дното на Балтикот со кој енергенсот се транспортира од Русија до Германија и Европа. По извршениот увид од Управата за национална безбедност, обвинителот ја отстрани претходно воспоставената забранета зона.

Од првите часови по полноќ кон 26-ти септември беа објавени четири истекувања, две во данските и две во шведските територијални води, откриени на гасоводите Северен тек 1 и Северен тек 2, со кои гасот од Русија се испорачуваше во Германија, односно на пазарот во Европа. Сеизмолошките заводи на Шведска и Данска измериле потреси со магнитуди од 2,3 и 2,1 степени по Рихтер, оценувајќи дека „веројатно одговара на експлозивен набој од неколку стотина километри тротил“.

Агенцијата Reuters објави дека разузнавачки авион на американската морнарица прелетал над Балтичкото Море во близина на местото на инцидентот со руските гасоводи Северен тек 1 и 2, само неколку часа по истекувањето на гасот. Разузнавачки авион на американската морнарица, кој Вашингтон го опиша како рутински лет, прелетал во близина на местото на оштетувањето на Северен тек 2 во Балтичкото Море неколку часа по појавата на првото истекување на гасот.

На крајот од минатиот месец беше објавено дека од 1-ви до 3-ти септември, хеликоптер на американската воена морнарица кружел околу данскиот остров Борнхолм, каде што подоцна е воочено истекувањето од цевководите. Покрај тоа, американски летала прелетале над гасоводите на 10-ти и 19-ти септември, и ноќта од 22-ри на 23-ти септември и ноќта од 25-ти кон 26-ти септември. Во сите случаи траекториите на американските воени летала упатуваат дека станува збор за извидувачки летови или прелети над конкретниот дел од акваториумот. Во медиумите беше наведено дека патеките на хеликоптерите кои извеле ноќен прелет на 23-ти и на 26-ти септември имале „збунувачки патеки“.