Кремљ не ја исклучува средбата на Путин со Трамп

Рускиот претседател Владимир Путин и неговиот американски колега Доналд Трамп може да имаат средба на претстојниот самит на Азиско-пацифичката економска соработка (APEC), изјави во петокот портпаролот на рускиот челник Дмитриј Песков, откако Трамп претходно најави таква можност.

„Ние не ја исклучуваме можноста да дојде до таква средба, всушност, таа во моментов се договара, и веднаш штом сите детали ќе бидат појаснети како резултат на заедничкиот договор, ќе ве информираме“, изјавил Песков за новинарите.

Истакнал дека важноста на секој контакт меѓу претседателите на Русија и на САД за меѓународната ситуација „не може да се процени“.

Претходно американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека веројатно ќе се сретне со рускиот колега по должност Владимир Путин на самитот на APEC. Притоа додаде дека на средбата би се разговарало за ситуациите околу Северна Кореја, Сирија и Украина.

Самитот на челниците на земјите од Азиско-пацифичката економска соработка (APEC) ќе се одржи во виетнамски Да Нанг од 6-ти до 11-ти ноември. Последен пат Трамп и Путин се сретнаа на маргините на самитот Г20 во Германија во јули.

Во Москва сметаат дека односите меѓу Русија и САД се наоѓаат на „невидено ниско ниво“. Во март 2014 година поради просоединувањето на црноморскиот полуостров Крим на Руската Федерација, Вашингтон воведе санкции против Москва, коишто неколкупати досега ги заоструваше поради ситуацијата во источна Украина за што ја обвинува Русија, како и поради наводното руско меѓање во американските претседателски избори од ноември 2016 година.

Од своја страна рускиот сенатор Алексеј Пушков смета дека на Трамп сака да се сретне со Путин „бидејќи тој не доаѓа од позициите на антируската параноја, туку од логиката на реалната политика. Со што и се разликува од конгрсот“ на САД,напиша сенаторот на Twitter.