Криеле 45 килограми дрога во специјален бункер во автомобил

Цариниците заплениле 45 килограми дрога скриени во бункер во автомобил на двајца Албанци, вчера на граничниот премин Богородица, информираше Царинската управа.

Според Царината, околу 12.30 часот за излез од земјава се пријавил автомобил со албански регистарски таблици, управувано и сопственост на лицето О.Л., а со кого бил и сопатникот А.Ј., двајцата државјани на Република Албанија.

Истите не пријавиле ништо за царинска контрола. Од страна на царинските инспектори од Одделението за оперативни работи при Секторот за контрола и истраги, возилото е селектирано и извршена е детална контрола на истото. При контролата, во подот од возилото, во специјално направен простор, пронајдени се 49 пакувања со зеленкасата тревкаста материја обвиткани со црна трака, за кои по извршеното вештачење утврдено е дека станува збор за 34,6 килограми марихуана и 9,8 килограми хашиш, велат од Царината.

Против двајцата осомничени Царината поднесе кривична пријава за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.

Според Царинската управа, дрогата била набавена во Албанија и била наменета за црниот пазар во Грција и Турција. Вредност на запленетата дрога на црниот пазар во Македонија би изнесувала околу 65.0000, додека во Грција вредноста би била двојно поголема, а во Турција трипати поголема.

Од почетокот на 2018 година Царинската управа запленила околу 662 килограми марихуана, од кои најголемата заплена е во јануари- 310 килограми на граничниот премин Богородица.