Крикетот и четири други спортови на програмата на Олимпијадата во Лос Анџелес 2028-ма

Пет спорта, меѓу кои крикет и ткн ‘flag football’ ќе бидат на програмата на Олимпијадата во Лос Анџелес во 2028 година, одлучи во понеделникот Меѓународниот олимписки комитет (МОК).

Организаторите предложија и лакрос, сквош и безбол-софтбол и добија одобрение на состанокот на МОК во индиски Мумбаи. Секој град домаќин, според правилата на МОК, може да побара вклучување на неколку спортови за неговото издание на Игрите.

Крикетот, кој има голема публика во Индија, но и растечка глобална публика, се враќа на Игрите по повеќе од еден век, откако еднаш се појави на Олимпијадата во 1900 година. Предлогот на организаторите на Игрите во Лос Анџелес е да има по шест тима за мажи и жени на турнирот во крикет Twenty20. T20 е краток формат на играта.

Со вклучување на крикетот, МОК се надева дека ќе привлече голема, нова олимписка публика, особено меѓу азиските љубители на спортот.

Годишниот турнир во индиската Премиер лига во крикет, со проценета вредност од 8,4 милијарди долари, е една од најбогатите лиги во светот во сите спортови и продолжува да ги привлекува најдобрите светски играчи и тренери во Индија. Турнирот се игра во истиот формат Т20 кој ќе се игра во Лос Анџелес во 2028 година.

Таканаречениот ‘flag football’ е бесконтактен формат на американскиот фудбал кој го играат тимови од пет играчи. Играта се состои во тоа што наместо да ги соборува противниците на земја, тимот што се брани мора да го отстрани знамето или појасот со знаменце од носачот на топката (deflagging – дефлагирање).

Бејзболот се појави на неколку претходни Игри. Тој беше додаден во програмата Токио 2020 година, откако беше изоставен во 2012 и 2016 година, но нема да биде дел од Игрите во Париз.

Софтболот, женската варијанта на бејзболот, се појави во пет претходни изданија на Летните игри и исто така беше изоставен од распоредот во Париз.

Лакросот, пак, се појави двапати како спорт на Олимписките игри, во 1904 и 1908 година.