![Ukraine Protests](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2014/02/1742126282530d87c28029c750106149_orig.jpg?resize=640%2C456&ssl=1)
Група жители на украинскиот полуостров Крим, се собра денеска, извикувајќи дека демонстрантите во Киев „се бандити кои се обидуваат да состават нова влада“.
Тие извикувале „Русијо, спаси не’“, а руското знаме е закачаено на зградата на Врховниот суд.
Како што јавува „Раша тудеј“, демонстрантите го блокирале влезот во зградата на парламентот на Крим.
Агенцијата АП јавува дека рускиот претседател Владимир Путин со своите истакнати безбедносни експерти разговарал за Украина. Детаљи од разговорот, сепак, не се познати.
Во меѓувреме, в.д. министерот за внатрешни работи на Украина, Арсен Аваков, ја распуштил специјалната единица „Беркут“.
Украинскиот главен обвинител Олег Махницки потврдил дека е распишана потерница за соборениот претседател Виктор Јанукович поради обвинение за убиство.
Итар Тас јавува дека новите украински власти потврдиле дека ќе одржуваат добри соседски односи со Русија и со Москва ќе одржуваат дијалог за формирање нова украинска влада.
На улиците на Свестопољ се појавиле руски оклопни возила непосредно откако в.д. претседателот на Украина, Александар Турчинов повикал вонредно заседание на Советот за национална безбедност поради опасност од „сепаратизам во Севастопољ“.
На Плоштадот на независноста во украинската престолнина Киев денеска ќе биде одржано собрание на демонстрантите кои ќе предложжат состав на новата влада, соопштила прес служба на здружението „Мајдан“.
Собирот ќе биде одржан во 19 часот по локално време, пренесува Итар-Тас.
Нешто претходно, претседателот на украинскиот парламент Олександер Турчинов, соопштил дека Врховната рада планира да прогласи коалиција и да формира нова влада на 27-ми февруари.