Извршниот одбор на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) вчера ја именуваше Кристалина Георгиева за нов петгодишен мандат на чело на таа меѓународна финансиска институција, јавува француската новинска агенција АФП. Извршната директорка на ММФ ќе го започне својот втор мандат во септември.
Георгиева, која беше единствениот кандидат за шеф на ММФ, ќе продолжи да ја извршува функцијата кога ќе и истече првиот мандат на 30 септември 2024 година. Одлуката е донесена со консензус, соопшти ММФ, пренесува Франс прес.
Како што додаваат, при донесувањето на оваа одлука, Бордот на директори го пофалил нејзиното силно и агилно управување со ММФ за време на серија големи глобални пресврти. За време на мандатот на 70-годишната Георгиева, ММФ постојано им помагаше на земјите кои се најдоа во финансиски тешкотии поради пандемијата на Ковид-19 или претрпеа штета поради рускиот напад врз Украина. Под нејзино раководство, Фондот воведе иновативни нови финансиски инструменти, вклучувајќи го и Фондот за отпорност. Георгиева, исто така, го обнови Фондот за намалување и раст на сиромаштијата со поволни заеми и обезбеди зголемување на квотата за 50 отсто за зајакнување на постојаните средства на фондот, соопшти ММФ.
Веќе во март нејзината кандидатура беше поддржана од сите членки на ЕУ. Георгиева, државјанка на Бугарија, е извршен директор на ММФ од октомври 2019 година. Во согласност со повеќедеценискиот договор меѓу Европа и САД, во минатото на чело на ММФ секогаш стоел Европеец, а на Светска банка Американец.