Кристофер Хил: Американската политика кон Косово е правилна

Американскиот амбасадор во Србија, Кристофер Хил за ставот на српскиот претседател Александар Вучиќ, кој на состанокот во Атина ги отстранил санкциите против Русија од завршната декларација рече дека „американскиот став е многу јасен: сите треба да се приклучат на санкциите против Русија, особено земјите кои се стремат да влезат во ЕУ“.

Додаде дека многу мали земји воведоа санкции иако тоа им штети, но сепак тоа го направија бидејќи тоа е во нивен повисок интерес и во интерес на поголема групација како што е Европската унија.

„Би сакале Србија да го стори истото и тоа да биде дел од нејзиниот пат кон евроатлантскиот систем“, нагласи Хил.

Хил рече дека САД имаат проблем со шефот на БИА, Александар Вулин, и дека нивниот став е тој да биде санкциониран.

„Гледам дека овој став не го делат властите во Србија, но нашиот став е многу јасен… Разочарувањето значи дека вашите очекувања не се исполнети. Би рекол дека сум реалист и си ја работам својата работа, а мојата работа е да ги промовирам блиските врски меѓу САД и Србија, како и двете земји да бидат на иста страна“, нагласи Хил.

Во врска со писмото на неколку десетици парламентарци од САД и европските земји, во кое тие апелираат до Западот да ја смени политиката кон Србија, тврдејќи дека сегашната политика не функционира и дека западниот пристап кон Вучиќ е „мек“ во контекст на Косово, Хил изрази несогласување.

„Прво, не креирате политика поради успехот, туку затоа што е правилна. Кога ја формулираме политиката, ги мериме нашите интереси и идејата дали тоа е вистинската работа за нашата влада. Секако дека би сакале бриселскиот дијалог да се одвива многу побрзо, го поддржуваме г-дин Мирослав Лајчак, бидејќи сметаме дека тоа е вистинскиот пристап. И ние би сакале да видиме договор заснован на формирање на Заедницата на српските општини, за Србите на северот на Косово да знаат какви се правилата на игра и како ќе изгледаат нивните животи, тоа ни е многу важно“, рече амариканскиот дипломат.

„Го признаваме Косово и би сакале да се приклучи на меѓународните организации, бидејќи сметаме дека тоа е најдобро за Косово, но и за стабилноста на регионот. Тоа е нашата политика и мислам дека е правилна без разлика дали е успешна или не“, заклучи Хил.