Критична ситуација по поплавите во Албанија

Силните дождови доведоа до излевање на реките и евакуација на населението на југот на Албанија, соопштија надлежните во саботата.

Евакуирани се повеќе од сто семејства во близина на реката Вјоса, околу 120 километри југозападно од Тирана, соопшти албанското Министерство за одбрана.

Надлежните наведоа дека поплавени се 3.334 куќи, 3.016 хектари земјоделско земјиште, како и дека 23.000 луѓе немаат струја од вчера.

Во поплавите ширум Албанија загина најмалку еден човек, парализирани се пристаништата, а летовите од единствениот меѓународен аеродром во Тирана се сопрени.

Албанскиот премиер Еди Рама рече дека 6.400 спасувачи, полицајци и војници се борат со многу критичната ситуација.