Критики за Саудиска Арабија поради 48 обезглавувања од почетокот на 2018 година

Групата за човекови права вели дека половина од егзекутираните од страна на „озлогласениот“ систем биле обвинети за ненасилни дејства.

Саудиска Арабија егзекутирала 48 лица во изминативе четири месеци, половина од нив за ненасилни обвиненија поврзани со дрога, изјави Хјуман рајтс воч (ХРВ).

Групата со седиште во САД го повика кралството да го подобри како што го нарече „озлогласениот неправеден кривично-правен систем“.

Саудиска Арабија ја има една од највисоките стапки на егзекуции во светот: осомничени обвинети за тероризам, убиство, силување, вооружен грабеж и трговија со дрога се соочуваат со смртна казна.

Експертите за човекови права во неколку наврати изразија загриженост за правичноста на судските процеси во кралството, регулирани со строга форма на исламскиот закон. Владата вели дека смртната казна е превенција од понатамошно кривично дело.

Сара Лиа Витсон, директорка на ХРВ на Блискиот Исток рече: „Лошо е и само тоа што Саудиска Арабија егзекутира толку многу луѓе, меѓутоа многумина од нив не извршиле насилен криминал. Секој план за намалување на егзекуциите поради дрога треба да вклучи подобрувања во правниот систем кој не обезбедува фер судења“.

ХРВ рече дека Саудиска Арабија извршила скоро 600 егзекуции од почетокот на 2014 година, повеќе од третина од нив во случаи поврзани со дрога. Речиси 150 лица биле убиени минатата година во кралството, а осудените лица биле обезглавени со меч, пренесе Гардијан.