Крива Паланка заслужено ја носи титулата „Град на културата“, вели Љутков

На покана на градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, министерот за култура и туризам, Зоран Љутков денеска беше гостин на  „Градот на културата за 2024″.

Министерот оствари официјална средба со градоначалникот од кого беше запознаен со реализацијата на манифестацијата „Крива Паланка – Град на културата”, со тековните и планираните активности и програма, ги посети НУ Центар за култура Крива Паланка и ЛУ Градски музеј Крива Паланка, како и манастирскиот комплекс Св.Јоаким Осоговски, каде што во претстојните денови ќе се чествуваат двата големи празници, Успение на Пресвета Богородица и празникот на патронот на манастирот.

– На сите граѓани на Општина Крива Паланка и на сите верници им ги честитам претстојните празници. Она што можам да го кажам е дека општината заслужено ја носи титулата „Град на културата”, бидејќи овде се одржуваат голем број манифестации, од областа на театарот, фолклорот, ликовната уметност, а она што посебно ме радува е „Фестивалот на храна и занаетчиство”, бидејќи Министерството за култура и туризам од следната година многу посилно ќе ги поддржува ваквите креативни и културни индустрии. Ја посетивме Националната установа центар за култура и градскиот музеј и она што го забележав е дека не само министерството, туку и локалната самоуправа финансира проекти, нешто што претставува одлична симбиоза помеѓу локалната и централната власт, нешто што треба да го следат и останатите општини и нешто што министерството ќе го практикува во иднина, рече Љутков.

Посочи дека Министерството за култура ја финансира манифестацијата „Крива Паланка – Град на културата” со 3.000.000 денари, минатата година 800.000 денари од буџетот на министерството се инвестирани за проектна документација за реконструкција и адаптација на центарот за култура, а планот е со буџетот на министерството за 2025 година да се издвојат повеќе средства за блок-дотации на општините за поддршка на културата.Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, истакна дека со сѐ што реализира општината во областа на културата, над 120 настани годинава, како и со финансиите што се вложуваат и издвојуваат за културата по однос на бројот на жители, 12.000.000 денари во 2024, Крива Паланка прави сериозен исчекор и сериозна разлика во однос на другите општини и токму тие вложувања влијаат и за развој на културата, но и за локалното економски развој на општината.

Министерот Љутков беше гостин и на концертот „Македонија во срце те носиме” што се одржа на градскиот плоштад во Крива Паланка.