Кривата кула во Болоња затворена поради опасност од уривање

Средновековната кула во италијанскиот град Болоња, којашто, како и нејзината позната „колешка“ во Пиза, е накосена, затворена е за посетители поради страв од уривање.

Властите почнаа да градат ограда висока пет метри околу кулата Гарисенда од 12. век за да ги содржи остатоците во случај на уривање.
Кулата висока 47 метри се накосува под агол од четири степени, а мониторингот откри поместувања во насоката на навалувањето. Од градската управа соопштија дека ситуацијата е „многу загрижувачка“.

Кулата Гарисенда е една од двете кули кои доминираат на хоризонтот на Болоња. Другата, кулата Асинели, е речиси двојно повисока и исто така се накосува, иако не во иста мера, и е главно отворена за искачување на посетителите.

Зградите биле изградени меѓу 1109 и 1119 година, а кулата Гарисенда била скратена во 14. век бидејќи веќе почнала да се навалува. Се споменува во поемата на Данте „Божествената комедија“, завршена во 1321 година.

Кулата Гарисенда веќе беше затворена во октомври, откако сензорите открија промени во навалувањето на кулата, а инспекцијата откри материјално влошување на темелите.

Властите во Болоња започнаа ткн план за цивилна заштита за зачувување на кулата и соопштија дека овие работи „ја претставуваат првата фаза од обезбедувањето на кулата“. Градот, исто така, објави дека оградата, освен што го задржува остатоците, ќе ги заштити околните згради и луѓето во случај на уривање. Најавија и поставување метална мрежа против паѓање камења под кулата.

Изградбата на бариерата ќе заврши на почетокот на следната година и се очекува кулата и околниот плоштад да останат затворени неколку години додека не се изврши реновирањето. Властите проценуваат дека оградата ќе чини 4,3 милиони евра и започнаа онлајн кампања за финансирање на реновирањето. Тие го опишаа проектот како „огромен предизвик“ кој ќе бара „посветеност на целиот град и оние ширум светот кои ја сакаат Болоња и еден од нејзините најважни симболи“.