„Љубомир Јовески да гледа во сопствениот двор – наместо неосновано да го напаѓа судот и судиите по секоја судска одлука од која не се задоволни“, му порачаа денеска од Кривичниот суд на првиот човек на Јавното обвинителство, Љубомир Јовески.
Реакцијата на Судот доаѓа откако републичкиот јавен обвинител во коментар за ослободителната пресуда за случајот Тревник – изјави дека на такви судии не им е место во правосудството и Судскиот совет ќе треба во соодветна постапка да го испита тој дел.
„Судот и судиите работат согласно Законските одредби, Уставно загарантираните права и слободи и одлучуваат врз основа на доказите и аргументите, а не врз основа на лични желби на странките во постапката, а секоја првостепена одлука на Кривичниот суд се преиспитува од повисоките судски инстанци, по изјавена жалба од незадоволната страна“, велат од Кривичен суд.
По ослободителната пресуда за новинарот Латас и неговите браќа, јавниот обвинител вели дека го поддржува решението за ветинг или друга форма на проверка на сите судиите и обвинителите.
На 4 овој месец судијката Марија Клетничка донесе ослободителна пресуда за новинарот Драган Павловиќ-Латас и неговите браќа за трите викенд куќи во Зелениково. Изрекувајќи ја одлуката судијката образложи дека во 2013 година браќата побарале и добиле градежни дозволи за веќе изградените куќи и никој не побарал поништување на тие одобренија, а трите викенд куќи сега се веќе заведени и во Катастарот за недвижности. Клетничка рече дека делото за кое тројцата се обвинети не е кривично дело според законот. Градежните инспектори по службена должност можеле да ја спречат изградбата, а ако проценат дека не е испочитуван Законот за градење можеле да изречат и прекршочни глоби или да поднесат кривична пријава за бесправно градење, рече Клетничка.
Браќата Павловиќ покрај ослободителната пресуда повеќе нема потреба ниту да се јавуваат во судот еднаш неделно, а ќе може и слободно да излезат надвор од државата, бидејќи судот донесе одлука за враќање на патните исправи.