Кривична одговорност за фирмите што користеле државна поддршка, а не дале плати, бараат синдикати и здруженија

Повеќе синдикати и здруженија силно ги осудуваат сите работодавачи кои примиле финансиска поддршка од државата, а не ја исполниле обврската за исплата на плати на своите вработени.

Целта на државната финансиска поддршка утврдена со владината уредба за справување со кризата предизвикана од КОВИД-19, велат тие, беше да се зачуваат работните места на работниците, а не работодавачите незаконски да профитираат на грбот на работниците за време најголемата здравствена, социјална и финансиска криза со која се соочуваме.

Сметаат дека ваквото однесување на работодавачите е недозволиво, неправедно, незаконско и нехумано. Оттука, меѓу другото, апелираат Управата за јавни приходи (УЈП), без одложување и во најкус можен рок согласно своите законски овластувања да изврши присилна наплата на платите на работниците во фирмите кои добиле државна поддршка, а не ја исполниле обврската за исплата на плати.

„УЈП, во соработка со Државниот инспекторат за труд, а согласно Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување на споменатите работодавачи да им изрече глоба за сторен прекршок и да ги задолжи работодавачите да ги вратат добиените државни финансиски средства. Основното јавно обвинителство да покрене постапка по допрен глас против сите работодавачи кои добиле државна финансиска поддршка, а не им исплатиле плати на своите работодавачи за сторено кривично дело измама по чл. 247 од Кривичниот законик“, бараат синдикатите и здруженијата.

Од Владата, како носител на мерката и исплатувач на државната финансиска поддршка, бараат јавно да ги објави фирмите кои ја користеле државната финансиска поддршка, а не им исплатиле плати на своите вработени.

„Во иднина сите финансиски мерки за помош и поддршка на работниците да им се исплаќаат директно на работниците, а не на работодавачите, за да се избегнат вакви и слични злоупотреби“, се вели во реакцијата.

На реакција се потпишани:
Конфедерација на синдикални организации на Македонија (КСОМ)
Синдикат на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ)
Независен академски синдикат (НАкС)
Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ)
Синдикат на културата на Република Македонија (СКРМ)
Синдикат на македонската дипломатска служба (СМДС)
Хелсиншки комитет за човекови права
Здружение на граѓани „Гласен Текстилец“
Левичарско движење „Солидарност“
ЈАДРО – Асоцијација на независната културна сцена
Субверзивен фронт