Кривична пријава за поранешен директор на АХВ

Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје до Основно јавно обвинителство во Скопје, поднесе кривична пријава против поранешен директор на Агенцијата за храна и ветеринарство поради основано сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.

Како што соопшти МВР, пријавениот З.П.(39) од Скопје, во периодот од декември 2016 година до мај 2017 година, додека ја извршувал функцијата директор на Агенцијата за храна и ветеринарство, искористувајќи ја својата службена положба со пречекорување на своите службени овластувања постапил спротивно на член 53 од договорот склучен меѓу Европската агенција за безбедност и храна и Агенцијата за храна и ветеринарство.

– Во член 53 било децидно пропишано дека лицето кое ќе биде назначено како помошник координатор на EFSA не може да прима дополнителен надоместок од Агенцијата, ниту да ја кумулира претпристапната програма со каков било друг договор за работа со други тела. Наспроти ова, пријавениот склучил договор за дело со К.М., во тоа време вработена во Агенцијата за храна и ветеринарство, за извршување на работни обврски и задачи како асистент координатор на EFSA, кои веќе биле предвидени со Правилникот за систематизација на работните места во Агенцијата за храна и ветеринарство за нејзиното работно место, се вели во соопштението.

Врз основа на склучениот договор за дело во горенаведениот временски период, додаваат од МВР, секој месец на К.М. неосновано ѝ биле исплаќани парични средства во износ од 62.934 денари, со што пријавениот ѝ овозможил да се стекне со противправна имотна корист во вкупен износ од 377.604 денари.