Поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување” денеска до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднесена е кривична пријава против четири лица: В.А.(59), З.Л.(41), Ѓ.Т.(37), тројцата од Неготино и И.З.(40) од неготинско село.
Како што соопшти МВР, кривичната пријава е поднесена од Единицата за финансиски криминал при Секторот за криминалистички истраги во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал.
Лицата делото го сториле така што З.Л., вработен во Општина Неготино, во својство на претседател на Комисија за спроведување на јавна набавка, заедно со Ѓ.Т. и И.З. вработени во Општината, членови на Комисијата за спроведување на јавна набавка, во текот на 2014 година со неизвршување на своите службени обврски постапиле спротивно на одредбите на Законот за јавни набавки. Тие без да обезбедат согласност од Советот за јавни набавки, распишале оглас за набавки за работи – рационализација и унапредување на јавна водоснабдителна мрежа на подрачје на Општина Неготино.
„Пријавените во огласот за набавки предвиделе критериуми и технологија која упатува на конкретно производство, наведувајќи критериуми кои дискриминираат и ја ограничуваат конкуренцијата и го објавиле без да бидат точно наведени кои позиции и што ќе се изведува. На овој начин, тројцата спротивно на законот, спровеле постапка за јавна набавка и изготвиле Извештај во кој дале предлог за најповолна понуда да се одбере конкретна понуда од група понудувачи“, стои во соопштението од МВР.