Кривична пријава за вевчанецот кој на Фејсбук напиша дека децата со аутизам се товар на државата

Против 36-годишниот жител на Вевчани Ранко Србакоски ќе биде поднесена кривична пријава, бидејќи на социјалните мрежи пишуваше дека „децата со посебни потреби се товар на државата и извор на органи за здрави деца“. Од ОВР Струга информираа дека извршен е службен разговор со Србаковски, по поднесена пријава од Детската амбасада „Меѓаши“ и Зоран Мијалков, кој е татко на две деца со аутизам.

-Во ОВР Струга денеска е извршен службен разговор со Р.С.(36) од Вевчани по поднесена пријава од Детска амбасада „Меѓаши“ и З.М. од Штип дека преку социјалната мрежа Фејсбук упатил коментари со кои сторил кривично дело по чл.394 од Кривичниот законик – се вели во соопштението од МВР.

Србаковски го признал делото, а обезбедени се потребните докази и по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена кривична пријава до ОЈО Струга за ширење на расистички и ксенофобичен материјал преку компјутерски систем.