Кривична пријава заработи одговорното лице во фабриката за пиротехника во скопско Сопиште каде на 24 минатиот месец се случи експлозија, пренесува телевизија Алфа. Од инспекторатот за труд велат дека вработените во моментот на несреќата не носеле заштитна опрема.
Кривична пријава за одговорното лице во фабриката за пиротехника во Сопиште во која на 24 минатиот месец се случи експлозија,а двајца од тешко повредените работници веќе починаа како последица од тешките изгореници. Државниот инспекторат за труд ја поднесе пријавата бидејќи меѓу другото не биле испочитувани мерките за безбедност. Од инспекторатот велат дека на работниците не им била издадена заштитна опрема. За делата во кривичната пријава која ја поднесе инспекторатот во кривичниот закон е предвидена казна затвор од една година или парична казна.
Претходно за фабриката беше изречена и мерка забрана за вршење на дејност бидејќи не била испочитувана процедурта, односно сопственикот осум дена пред почетокот со работа до инспекторатот за труд не поднел пријава за вршење на дејност.
Во саботата од тешките изгореници од трет степен почина 27 годишниот Далибор. Претходно на повредите им подлегна и 59 годишниот Живко Апостоловски. 51 – годишната жена се уште се наоѓа на клиниката КАРИЛ и дише со помош на апарати. Има изгореници од четврт степен.