Кривична за убиецот на Ангел, во Ѓорче се најавуваат нови протести

Деветнаесетгодишното момче кое вчера попладне го усмрти една година помладиот Ангел Петковски прободувајќи го неколкупати со нож во расправија за украден велосипед ќе одговора за убиство.

Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска денеска информираше дека полицијата веќе поднела кривична пријава против осомниечниот за убиството, а кој и од претходно и’ бил познат на полиција пред се’ поради извршени кражби.

Убиството се случи вчера доцна попладне на паркингот пред Европската очна болница во скопската населба Ѓорче Петров. Според информациите од полицијата, осомничениот за убиството, неофицијално идентификуван како Насер Е., се обидел да украде велосипед од дворот на семејството Петковски, но бил забележан од синот Ангел и таткото Сашо. Петковски веднаш тргнале по крадецот следејќи го со нивниот автомобил „пежо“ го стасале кај болницата во близина на кејот на Вардар и мостот што ги поврзува населбите Ѓорче Петров и Сарај.

Ангел Петковски веднаш се обидел да го врати велосипедот од рацете на крадецот при што настанала расправија и тепачка. Во кобниот судир на тинејџерите, Насер Е. Со остар предмет го прободел Ангел Петковски во десниот предел од градите. Момчето, кое пред само два дена ја прославило својата матура, кратко потоа им подлегнало на повредите. Од очната болница била повикана брза помош, но било предоцна да се спаси младиот живот.

Полицијата веднаш по убиството го привела убиецот, но оружјето се уште не е пронајдено.

Убистово беше иницијална каписла за нередите што синоќа ја зафатија населбата Ѓорче Петров. Револтирани поради згаснувањето на живото на младиот Ангел жители ја блокираа со автомобили улицата Ѓорче Петров, до доцна во ноќта се превртуваа и палеа контејнери, превртен беше и автомобил, а беа кршени и палени и локални дуќани и ресторани.

Од МВР велат дека по низата инциденти привдени се 18 лица од кои петмина се малолетници, додека останатите се на возраст од 18 до 36 години. Од полицијата потврдуваат дека имаат сознанија дека по 17 часот се планирани нови собири на граѓаните во скопската населба и дека истите се организираат прек социјалните мрежи.