Кривична за фирма од струшко поради бесправен ископ на чакал

Кривична пријава е поднесена против фирма од струшко. Фирмата се товари дека извршила бесправен ископ на чакал и на тој начин ја оштетила државата за 30.000 денари.

Кривична пријава, поднесе СВР Охрид против правниот субјект „Бокоп“ од струшкото село Боровец и против овластеното лице Н.И. (49) од истото село. Во врска со казненото дело „фалсификување службена исправа“, во пријавата опфатено е и лицето Ѓ.Д. (61) од Охрид  вработен во ГД „Гранит“ АД – Скопје.

Како што информираат од МВР, на 18-ти август годинава на локалитетот „Црвена Вода“ општина Дебарца, со работни машини сопственост на „Бокоп“ била извршена незаконска експлоатација на минерални суровини односно бесправен ископ на чакал.

Експлоатацијата на минералните суровини определена со закон, „Бокоп“ го извршил без концесија односно дозвола за таа дејност, по што чакалот го транспортирал до селото Црвена Вода каде изведувал градежни работи за реконструкција на одводен канал до водната комора на ХЕЦ „Песочани“. На тој начин биле пренесени околу 50 м кубни чакал  со што правниот субјект се стекнале со противправна имотна корист од 30,000 денари предизвикувајќи  штета  на Република Македонија, информираат од МВР.

Третопријавениот Ѓ.Д. во својство на службено лице административен извршител, вработен во ГД „Гранит“,  еден ден пред бесправниот ископ на чакал, со внесување на лажни податоци  изготвил  согласност-акт со невистинита содржина,  кој архивиски не го евидентирал во евиденциите на ГД„Гранит“ АД Скопје.  Потоа направил фотокопија од актот и свесно, со умисла, им го остапил на сопствениците на „Бокоп“ ДОО-Боровец  кои  како вистинска ја презентирале до СВР Охрид, а оригиналот го уништиле, прикриле, оштетиле или на друг начин го направиле неупотреблив.