По економските кризи, во ЕУ во подем е нова, криза со мигрантите. Во Германија годинава драстично е зголемен бројот на имигранти и досега изнесува 360.000 лица, а се очекува дека годинава околу 800 илјади лица ќе побараат азил.
Поради огромниот бран на новопристигнати мигранти потребно е повеќе време за поднесување на молби за азил. До крајот на јули беа поднесени 218.221 молби, што е зголемување за приближно 125 проценти, се наведува во соопштението на германското Министерство за внатрешни работи.
Германија е најпосакувана европска дестинација и прва на удар на т.н. криза на мигрантите. Дури 43 проценти од вкупно 400.000 поднесени молби за азил во Европа до крајот на јуни отпаѓаат на оваа земја.
Инаку, во моментов околу 45.000 мигранти во Германија се сместени во привремени домови додека чекаат дали ќе им биде одобрен азил, а за 100.000 до 150.000 луѓе недостига сместување.
До крајот на годинава се очекуваат 800.000 барања за азил во Германија
Германскиот министер за внатрешни работи Томас де Мезијер информира дека очекувањата на германската Влада се дека оваа година во Германија околу 800 илјади лица ќе побараат азил. Претходните владини проценки беа дека таа бројка може да достигне околу 450 илјади луѓе.
Де Мезијер денеска изјави дека тоа би можело да биде најголемиот бран на азиланти во историјата на Сојузна Република Германија и додаде дека тоа ќе биде „предизвик за сите“. Тој истакна дека Германија не е оптоварена со ваквиот тек на настаните и оти земјата мора да се адаптира на големиот број бегалци.
Секој бегалец, кој ќе дојде во Германија мора да биде прифатен достоинствено и да биде безбеден, рече Де Мезијер.
Меѓу јануари и јули оваа година во Германија азил побарале 218.221 мигрант, што е зголемување од 125 отсто во однос на истиот период во 2014 година.
Австрија со ултиматум поради моменталната криза со мигрантите
Од друга страна пак, поради моменталната криза со мигрантите Австрија презема сосема поинакви мерки. Земјата има намера да постави ултиматум до ЕУ од два месеца за прилагодување на Даблинскиот договор, односно рамноправна распределба на товарот со мигрантите, наведуваат виенски медиуми.
Моменталната распределба според Даблин III одредбата не е фер, аргументираат од австриското Министерство за надворешни работи и упатуваат закани за тужба пред Европскиот суд.
МНР на Австрија и Министерството за правда се со намера да го зголемат притисокот врз ЕУ за да се постигне решение за подобро распределување на бегалците низ државите членки. Министерствата и даваат рок од два месеца на ЕК да направи сопствени предлози за подобрување на Даблинските обврски.