Кризен состанок во Мадрид по одложување на каталонската декларација за независност

Шпанската влада се среќава итно во средата за да одлучи за одговорот на едностраната декларација за независност на Каталонија, потпишана но суспендирана во очекување на дијалогот со Мадрид.

Советот на министри под претседавање на конзервативниот премиер Маријано Рахој се среќава претпладнето за да одлучи за мерките коишто треба да ги преземе ден по конфузната седница на каталонскиот парламент.

Под притисоците од сите страни, вклучително и од челниците на Европската унија, претседателот на Каталонија, Карлес Пуџдемон вети дека оваа автономна шпанска покраина ќе ја претвори во независна република, истовремено залагајќи се за одложува на постапката за „со преговори да се дојде до решение“ со Мадрид.

Оцени дека неговата земја го живее „историскиот момент“, потпирајќи се на победата на „да“ за независност со 90,19 отсто од гласовите на повеќе од половината од вкупното гласачко тело во Каталонија, на референдумот за самоопределување.

Шпанската вицепремиерка Сораја Сајнц де Сантамарија изјави во вторникот вечерта дека Пучдемон треба да се врати „на патот на законот“ доколку сака да дојде до разговори и оти нема право да наметнува посредување со владата.

„Ниту Пучдемон, ниту кој и да е друг, може да има право… да наметне посредување. Секој дијалог меѓу демократите мора да се случи во рамките на законот“, изјави де Сантамарија откако Пучдемон во вторникот ноќта ја потпиша декларацијата со којашто се прогласува независност на Каталонија од Шпанија, но веднаш ја суспендираше и повика на дијалог со Мадрид.

Пучдемон и претходно пред каталонскиот парламент изјави дека референдумот од 1-ви октомври ѝ дал мандат на неговата влада да ја претвори Каталонија во „независна држава“, но дека тој процес треба да се замрзне поради преговорите со централната влада во Мадрид. Тој додаде дека се појавиле многу иницијативи за посредување по референдумот и предлози за разговарање на национално и на меѓународно ниво.

Шпанскиот премиер Маријано Рахој претходно го исклучи посредувањето и рече дека нема да разговара со каталонските челници, доколку не ги отфрлат своите амбиции да прогласат независност.

На референдумот одржан на 1-ви октомври мнозинството Каталонци се одлучија за независност, според каталонските власти. Мадрид овој референдум го смета за нелегален, а шпанскиот уставен суд го суспендираше. Противниците на независноста масовно го бојкотираа гласањето, и тврдат дека излегле само 43 отсто од гласачите и оти имало неправилности. Шпанската полиција се обиде да ги спречи гласачите да излезат на избирачките места, па и со употреба на сила при што беа повредени околу илјада лица, што предизвика и меѓународни критики.

„Со резултатите од референдумот на 1-ви октомври, Каталонија го заслужи правото на независност“, изјави во вторникот Пучдемон. Рече дека отцепувањето од Мадрид е „волја на народот“, но и дека сака намалување на тензиите околу тоа прашање. Неговиот позив на дијалог претставува „гест на одговорност и великодушност“, земајќи ја предвид желбата на шпанската и меѓународната заедница за деескалација, но и „почитувајќи ја волјата на народот“, рече Пучдемон.

Обраќајќи им се на сите жители на Шпанија, шефот на Каталонија порача „Ние не сме криминалци, крадци, пучисти. Ние не го загубивме умот. Ние сме нормални луѓе кои сама сакаат да имаат избор“.

„Не очекувајте од мене какви и да било закани, уцени или навреди. Ова е многу сериозно прашање. Сите сме дел од иста заедница и заедно мораме да одиме напред. Единствен пат кон тоа се демократијата и мирот“, рече каталонскиот челник пред пратениците во покраинскиот парламент.

Истакна дека на Каталонија не ѝ се дозволува правото на самоопределување, како и дека автономната покраина ѝ плаќа премногу даноци на централната влада во Мадрид.

Зградата на парламентот за време на говорот на Пучдемон беше обезбедуван од полицијата, а во близина се одржуваше голем собир на приврзаниците на независноста.