Кризниот штаб на Србија денеска одлучува за воведување карантин

Кризниот штаб на Србија за борба против епидемијата на коронавирус денеска ќе одлучува за воведување на 10-дневна самоизолација за граѓаните кои се враќаат од одмор од Црна Гора и Хрватска, како и други мерки, објави „Нова.рс“.

Како што соопшти Министерството за здравство на Србија, зголемувањето на новозаразените со коронавирус во земјата е последица на враќањето на граѓаните од одмори од тие земји. Министерството уште еднаш апелираше до сите што се враќаат во земјата да бидат солидарни и да го намалат движењето во првите седум дена по нивното враќање, да ги намалат контактите на минимум или веднаш да се тестираат.

„Ќе видиме како и на кој начин ќе го решиме овој проблем, затоа што наш интерес и цел е што е можно подоцна да добиеме поголем број на заразени лица наесен, бидејќи знаеме дека зимскиот период влијае на вирусите. Мораме да купиме повеќе време“, рече покраинскиот секретар за здравство и член на Кризниот штаб во борбата против коронавирусот, Зоран Гојковиќ, најавувајќи дека тоа ќе биде една од главните теми на денешната седница на Кризниот штаб.

Опцијата за задолжителен карантин или десетдневна самоизолација не е исклучена, иако Кон претходно истакна дека сигурно нема да има карантин во институции надвор од адресата на живеење.

Кон не очекува дека ќе биде воведена мерка на задолжителна самоизолација, но истакна дека тоа „не значи дека Кризниот штаб нема да го смени својот став по тоа прашање“.