Врнежите од дожд кои изминатите денови ја зафатија целата држава предизвикаа зголемување на водостојот на сите реките, а нивото на реката Вардар е двојно зголемено и постои опасност од поплави.
Граѓаните стравуваат дека Вардар може да се излее и од големото корито во центарот на Скопје. Дел од реакциите се насочени кон властите на Скопје и на државата дека не презеле доволно мерки за заштита од поплави, не ги сопреле ниту браните. Една од причините која предизвика излевање на водата од коритото се и големите градежни зафати во и крај реката, оценија од УХМР.
Во текот на денот повторно се очекуваат врнежи од дожд, така што, како што посочуваат од УХРМ, водостоите на реките и натаму ќе останат високи.
Можни се локални излевања во горниот дел од сливот на Вардар, односно во Полошкиот регион, во сливот на Треска, околу месноста Пласница, како и на одделни места во сливот на реките Радика, Црн Дрим, Сатеска и Црна Река, кај Боротинско Поле.
Зголемување на нивото на водата забележано е на реките Треска, Радика, Сатеска, Кичевска, по горниот тек на Вардар во атарот на селото Раотинце, како и на нивните притоки, соопшти денеска Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).
Според нив, на одредени места постои опасност од излевање на водата надвор од речните корита.
Од УХРМ соопштија дека исклучиво висок водостој утринава е измерен на реката Треска, односно на хидролошката станица во Македонски Брод каде нивото на реката е повисоко за 50 сантиметри во однос на вчерашниот ден. Зголемен водостој за 50 сантиметри има и кај реката Пчиња, како и кај реката Боротинска каде денеска нивото е зголемено за повеќе од 200 сантиметри. Исто така висок е водостојот и на реката Радика, Сатеска, Голема, Црна Река и Крива Река, како и на реката Вардар во горниот тек и во Скопје.
Поради обемните врнежи од дожд и дефект на водоводна мрежа кај клучката Матка пред Скопје биле заглавени четири моторни возила а луѓето биле извлечени од страна на пожарникари.
Возилата едвај се движат и денеска , а граѓаните кои ги затекнавме велат дека дошле да ги најдат регистарски таблички кои ги изгубиле вчера, во борбата со водената стихија.Клучката Матка е само една од слабите точки – во метрополата. Состојбата во градот , се следи будно, велат од Кризниот штаб.
Дождовите потопија и поголем број на улици во неколку населби. Тешкотии имаат граѓаните на пешачките зони крај Вардар, дел од кејот се уште е под вода. Надлежните велат дека состојбата е под контрола и се следи.