Кремљ смета дека Западот веќе му дозволил на Киев со неговите ракети да гаѓа цели во Русија

Во Кремљ сметаат дела западните земји кои ја снабдуваат Украина со оружје веќе донеле решение за напад со ракетите ATACMS со долг дострел врз цели длабоко на руска територија, рече во средата портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков и предупреди дека Русија „соодветно ќе одговори“ доколку САД го одобрат користењето на нивното оружје за таквите напади.

„Судејќи според сѐ, сите тие одлуки се веќе донесени, тоа може да се претпостави со голема веројатност. А во моментов едноставно во моментов се води медиумска кампања за формализирање на одлуката којашто е веќе донесена“, рече Песков.

Ова беше одговорот на портпаролот на Кремљ на прашање на новинарите на редовниот дневен брифинг да ги коментира очекувањата во западните медиуми дека американскиот државен секретар Ентони Блинкен кој во средата допатува во Киев придружуван од британскиот колега Дејвид Лами може да ѝ даде дозвола на Украина да ги користи американските ракети со долг дострел ATACMS за напади на руска територија.

Песков, исто така, рече дека САД и европските земји се обидуваат да се дистанцираат од вмешаност во украинската војна, но дека во Кремљ „не мислат дека тоа функционира“.

Портпаролот на рускиот претседател посочи, без да прецизира, дека одговорот на Русија на ударите по длабочина на нејзината територија ќе биде „соодветен“.

„Сфаќате, не е нужно секогаш да се очекуваат некакви одговори. Всушност, специјалната воена операција (како што Москва официјално ја нарекува инвазијата во Украина – з.р.) е токму акво одговор“, рече Песков.

Песков истакна и дека секоја таква одлука којашто ја носи ткн колективен Запад, а потоа ѝ се припишува на Украина, станува „уште еден доказ за оправданоста, неопходноста и безалтернатвноста“ на воените дејствија во соседната земја.

Американскиот претседател Џо Бајден во вторникот ноќта рече дека неговата администрација „се занимава со тоа прашање во моментов“, на прашањето дали САД ќе ги укинат ограничувањата за употребата на оружје со долг дострел од Украина, како што се ракетните системи ATACMS во војната против Русија.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски постојано го повика Западот да им дозволи на неговите сили да користат западно оружје со долг дострел за да ја нападнат Русија. Вашингтон претходно изјавуваше дека одбива да ѝ достави на Украина оружје со долг дострел за да нападне цели во Русија, стравувајќи дека таквиот потег би можел да го ескалира конфликтот долг две ипол години.

Другите сојузници на Киев обезбедуваат оружје, но со ограничувања за тоа како и кога може да се користи во Русија, поради загриженоста дека таквите напади би можеле да предизвикаат одмазда што ќе ги вовлече земјите на НАТО во војна или ќе предизвика нуклеарен конфликт. Во прв ред, користењето на такво вооружување не е возможно без стручен воен персонал кој Украина не го поседува, како и без сателитски податоци кои ги поседуваат САД.

Извори за Reuters минатата седмица изјавија дека САД се блиску до договор за обезбедување на Украина со такво оружје, но дека Киев ќе мора да почека неколку месеци бидејќи САД ги решаваат техничките проблеми пред каква и да е испорака.
Во вторникот, американскиот државен секретар Ентони Блинкен призна дека Вашингтон ќе му дозволи на Киев да врши напади длабоко на територијата на Русија со американски ракети ATACMS.

Западните медиуми претходно пишуваа дека САД може да му дозволат Киев да удри длабоко во Русија во блиска иднина. Според написите, функционери во американската администрација кои ја поддржуваат таквата сега се обидуваат да го убедат претседателот Бајден.

Во вторникот, координаторот за стратешки комуникации на Белата куќа, Џон Кирби, се обиде да увери дека Вашингтон сè уште не ги поддржува украинските напади длабоко во руската заднина, вклучително и со американско оружје, и покрај плановите на претседателот Џо Бајден да разговара за ова прашање со британскиот премиер Кир Стармер.

Од друга страна, новинарот на Axios, Џулигрејес Бруфке, објави, цитирајќи го Мајкл Мекол, претседател на Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом на САД, дека Блинкен за време на неговата претстојна посета на Украина, ќе му даде дозвола на Киев да користи ракети ATACMS за напади на територијата на Русија.

Во средината на јули, Пентагон соопшти дека Соединетите држави нема да дозволат Киев да користи американски оперативно-тактички ракети ATACMS за напади длабоко во руска територија, но „ова може да се промени“. Во исто време, заменик-портпаролот на Стејт департментот, Ведант Пател, како одговор на прашањето дали е време да им се дозволи на украинските вооружени сили да го користат ова оружје со долг дострел за напад на руски воени цели, рече дека нема да навлегува во приватни дипломатски разговори со украинските партнери.