Крос ја завршува играчката кариера по Европското првенство

Германскиот репрезентативец, 34-годишниот Тони Крос ќе ја заврши играчката кариера по Европското првенство летово, објави во вторник неговиот клуб Реал Мадрид.

„Крос одлучи да ја заврши професионалната фудбалска кариера по Европското првенство во 2024 година“, соопштија од клубот.

Договорот на Германецот со Реал Мадрид истекува на 30-ти јуни, а од 2014 година освои 22 трофеи, играјќи 463 натпревари.

„Тој е еден од големите играчи во историјата на Реал Мадрид, и ова секогаш ќе биде негов дом“, изјави претседателот на Реал, Флорентино Перез.

Реал Мадрид на 1 јуни ќе го игра финалето од Лигата на шампионите во Лондон против Борусија Дортмунд, што треба да биде последен натпревар на Крос во дресот на „Кралскиот клуб“.

Последните месеци се шпекулираше дали ќе го продолжи договорот со Реал Мадрид, но не се очекуваше дека ќе ја заврши кариерата. Во вторникот, тој објави писмо во кое го потврдува неговото повлекување од професионалниот фудбал.

„Отсекогаш била моја амбиција да ја завршам кариерата на врвот на мојата игра“, напиша Крос.

Оваа година Крос се врати во германската репрезентација со која го освои Светското првенство во 2014 година. Европското првенство во Германија започнува на 14-ти јуни.