Припадници на обезбедувањето го сфатиле како закана дваесетгодишниот Томас Метју Крукс кој подоцна е главниот осомничен за атентатот во кој во саботата на предизборен собир во Пенсилванија беше ранет поранешниот американски претседател Доналд Трамп, објави телевизиската мрежа CNN.
„Лицето кое стрелало на собирот на Трамп во саботата било забележано надвор од периметарот на настанот од локалните органи за спроведување на законот, кои го процениле како сомнително неговото однесување кај детекторот за метал“, се наведува во прилогот на CNN.
Собирите на Трамп генерално собираат илјадници негови поддржувачи, се одржуваат на отворено и траат со часови. Пред настанот, агентите го пребаруваат местото за бомби или други закани, а Трамп секогаш пристигнува во поворка со придружба. Органите за спроведување на законот обично поставуваат бариери како периметар и бараат од сите учесници да минат низ детектор за метал за да влезат во областа. Вооружени чувари ги претресуваат чантите, па дури и паричниците на сите учесници.
Според CNN, припадниците на обезбедувањето преку радио-врска јавиле дека траба да се обрати внимание на посоченото лице, а таа информација пристигнала и до Тајната служба директно задолжена за безбедноста на Трамп. Подоцна очевидци пријавиле и дека забележале вооружен маж на еден од покривите на објектите во соседството на аеродромот каде се одржувал политичкиот собир на републиканскиот кандидат.
Претходно и британскиот радиодифузер BBC, ја пренесе изјавата на очевидец дека видел вооружен маж и безуспешно се обидел да ги извести полицијата и Тајната служба.
Пред атентатот било одбиено барањето за зголемено обезбедување на Трамп
Американското Министерство за домашна безбедност во текот на седмици ги одбивало барањата на припадници на службата за заштита на поранешниот претседател Доналд Трамп за зајакнување на неговото обезбедување од страна на Тајната служба, објави изданието на магазинот The Federalist повикувајќи се на неименуван припадник на обезбедувањето на републиканскиот претседателски кандидат.
„Обезбедувањето на Трамп веќе неколку седмици бара зајакнување на неговата заштита и (да се зголемат) нејзините способности, но Министерството за домашна безбедност (на претседателот Џо) Бајден постојано ги одбиваше неговите барања“, го цитира магазинот својот неименуван соговорник.
Според сознанијата на The Federalist, споменатото министерство, исто така, повеќепати одбивало да му даде заштита од Тајната служба на независниот кандидат на претседателските избори, Роберт Кенеди Јуниор. Според шефот на домашната безбедност Алехандро Мајоркас, преземањето на безбедносни мерки за Кенеди, чиј татко сенатор и чичко претседателот Џон Кенеди беа убиени во политички атентати, „во тој момент не било оправдано“.
Идентификувана жртвата на собирот
Напаѓачот бил притаен на покривот од индустриски објект на околу стотина метри воздушна линија од бината на кој се обраќаше Трамп, но надвор од периметарот поставен за настанот. При обидот за атентат врз републиканскиот претседателски кандидат осомничениот 20-годишен Томас Метју Круск успеал да истрела неколку куршуми, пред да биде застрелан од снајперисти, исто така, распоредени на покривите на неколку објекти во близината.
Од истрелите загина еден присутен на собирот, а уште две лица се тешко ранети. Во неделата доцна попладнето
Лицето кое загина во пукањето е идентификувано како 50-годишниот Кори Комператоре, според објавата на неговото семејство на Facebook.
„Омразата кон еден човек му го одзеде животот на еден човек кој најмногу го сакавме. Тој беше херој кој ги штитеше своите ќерки. Неговата сопруга и девојките штотуку го преживеаја незамисливото. Мојот помал брат штотуку наполни 50 години и имаше уште толку живот. Омразата нема граници, љубовта нема граници. Ве молиме молете се за мојата снаа, внуците, мајка ми, сестра ми, мене и неговите внуки и внуци бидејќи ова изгледа како ужасен кошмар, но знаеме дека тоа е нашата болна реалност“, објави неговата сестра на Facebook.
Според извештајот на Pittsburgh Post-Gazette, Комператоре претходно служел како началник на Волонтерската противпожарна служба на градот Бафало.