Крвните тестови на осомничениот за МЕРС во Словачка ќе се повторат

Тестовите за смртоносниот вирус МЕРС кои беа направени кај странски државјанин во Словачка треба да се повторат поради покажана гранична вредност во едно од четирите испитувања, соопшти словачкото Министерство за здравство.

Како што пренесе дописникот на МИА од Прага, крвните тестови повторно ќе се прават во чешкиот главен град, а резултатите ќе бидат познати вечерва.

Пациентот, кој е од Јужна Кореја и има проблеми од гастроентеролошки респираторен карактер е изолиран во Универзитетската клиника во Братислава и е во стабилна состојба.

Персоналот и гостите во хотелот каде престојувал сомнителниот случај се во карантин.

Инфекцијата МЕРС ја предизвикува коронавирус од видот на вируси кој е одговорен за болеста САРС, која во 2003 година усмрти околу 800 луѓе.

МЕРС прво се појави на Блискиот исток во 2012 година, а моментално е актуелен во Јужна Кореја каде веќе починаа 15 лица, а над 300 се инфицирани