Голема крводарителска акција во Домот на АРМ, по повод празникот Успение на Пресвета Богородица – Голема Богородица.
Општинската организација на Црвен крст-Центар во соработка со Институтот за трансфузиона медицина денеска ја организираат 13. крводарителска акција, што се одржува од 9 до 17 часот во Домот на АРМ.
Валентина Колевска, секретар на општинска организација на Црвен крст-Центар информира дека до 9:30 часот има заведено 40 дарители, а се присутни од 70 до 80 дарители, од сите возрасти.
Таа потенцира дека веќе 13 години, околу 150 крводарители постојано се приклучуваат на акцијата. Има се повеќе млади луѓе, првократни дарители.
Секогаш летниот период е проблематичен за обезбедување крвни единици. Токму затоа ова акција се користи за надоплнување на резервите што се потребни во летниот период, рече Колевска.
Како што додаде, секоја година се јавуваат се повеќе крводарители. Минатата година на акцијата се приклучиле повеќе од 350 граѓани, од кои 286 дарувале крв. Таа изрази надеж дека скопјани и сите посетители на главниот град ќе даруваат крв.