Зошто ни се случи Украина? Зошто ни се случи она што не требаше да се случи? Зошто ни се случи предвидливото и лесно избегливото?
За да биде јасно што се случува во Украина, мораме да се вратиме триесеттина години наназад во времето на распадот на СССР. Во времето кога после распадот на СССР се распушти и Варшавскиот пакт, а НАТО, формиран токму како одговор на опасноста од неговото постоење, продолжи да егзистира, но, со ветување дека нема да се шири на исток, кон границите на, сега веќе, Руската Федерација.
За жал, не само што не престана со ширењето, туку НАТО, со своето арогантно лицемерие, веќе се закани дека ќе избие на самата руска граница, што за една држава која сериозно размислува за својата безбедност и своите национални и стратегиски интереси, е доволен повод да се вклучи црвената сијаличка. Токму затоа, Русија низа години наназад инсистираше на договор за неширењето на НАТО и, посебно за неутралност на Украина, како простор од кој евентуалните ракети со краток и среден домет би биле вистинска опасност за руската безбедност.
На крајот, откако ароганцијата на САД и НАТО го оневозможија договорот за „поделена безбедност“ и за почитување на безбедноста на секого, вклучително и на Руската Федерација, која за жал, во стратегијата на НАТО беше заведена како непријател, Русија се реши за операцијата во Украина во четвртокот, како за нејзе, единствено можно политичко, стратегиско и безбедносно решение. Се разбира, решение непосакувано од никого, решение кое заради својата воена разврска мора да биде осудено.
Од друга страна, она што стотина пати го повторував, Украина заради насилно инсталираното раководство преку мајданската револуција, стана нефункционална држава, со раководство поттупнувано по рамо и подбуцнувано на непријателство кон Русија, токму од неговите ментори и со ветување дека тие, менторите ќе се грижат за безбедноста на своите вазали.
После директното обраќање на претседателот на САД, Бајден, во вторникот навечер по средноевропско време, кога тој јасно објави дека „САД цврсто ќе се заложи за суверенитетот и територијалниот интегритет на сите земји членки на НАТО“, беше повеќе од јасно дека Украина, која не е НАТО членка, веќе е пуштена низ вода, дека Украина, наспроти ветувањата за безбедност и поттикнувањето на агресивни одговори кон Русија, ќе биде жртва на алчните но нереални планови на западните стратези.
Во меѓувреме, знаејќи ја американската стратегија за несимултани односи кон двете светски сили, Русија и Кина, што ќе рече, неконфронтирање со двете во исто време, не е далеку од умот очекувањето дека Кина во деновиве што следат, токму кога САД и НАТО барем декларативно се свртени кон Украина, ќе го реши својот безбедносен и стратегиски проблем и, територијата на Тајван, која секогаш ја сметала за своја, ќе ја припои кон сопствената територија.
Потоа, потоа следува новата „Јалта“ за поделба на интересните сфери и новиот „Хелсинки“ за изградба на нова безбедносна архитектура, нешто на што долго повикуваа и Русија и Кина и доколку ароганцијата, самобендисаноста и чувството дека „Пакс Американа“ се’ уште суштествува, го дозволеа нивното одржување на време, воените дејствија ќе беа избегнати.
ДВОЈНИТЕ СТАНДАРДИ – СРАМ ЗА СОВРЕМЕНИОТ СВЕТ
Вториот аспект на она што ни се случува во Украина, што ќе повторам никако не оправдува воена акција, е однесувањето на евроатлантската „меѓународна заедница“, која е само покритие за американските апетити, во годините од 1999 година и бомбардирањето на тогашна СРЈ, до денес.
Имено, во 1999 година еднострано, без одобрение на Советот за безбедност при ООН, беше бомбардирана суверената држава СР Југославија, со молк на „меѓународната заедница“. Се пролеа крвта на невините дечиња во Србија без осуда и медиумско „лелекање“ во „демократските“ медиуми. Во 2003 година беше извршена воена агресија врз суверениот Ирак, заради лажните докази на британските служби и тогашниот британски премиер Блер дека Ирак поседува оружје за масовно уништување, а без одобрение на Советот за безбедност при ООН. Се сеќаваме на девојчето со ампутирани рачиња при таа воена акција за „демократизација“ на Ирак, на пролеаната детска крв и на повеќе од половина милион невини жртви. Потоа следуваше „арапската пролет“ во која, од повеќето држави, најмногу настрада Либија и во која имаше разурнувања, пустошења, детска крв и илјадници невини жртви, без одобрение на Советот за безбедност при ООН, а со молк на „меѓународната заедница“ и „демократските“ медиуми. И конечно, разурнувањето на Сирија, нормално, без одобрение на Советот за безбедност при ООН, со амин на „меѓународната заедница“ и со молк на „демократските“ медиуми.
Сето ова, иницирано од САД, аминувано од јаловата ЕУ, која не изгради ниту сопствена надворешна политика, ниту одбрамбена стратегија во склад со сопствените интереси, а не единствено на интересите на својот партнер оддалечен 15.000 километри од овде, заради што ќе биде колатерална штета на сопствените двојни стандарди и, секако, полтронски поддржувано од македонските власти. Се сеќавате, за агресијата врз СРЈ ја дадовма на располагање и територијата на државава, во агресијата во Ирак испраќавме и свои војници како земја кандидат за членство во НАТО, а сите останати надворешни агресии, без одобрение на Советот за безбедност на ООН, безрезервно, како држава, ги поддржувавме.
(Бидејќи пишувам за отворените агресии на „демократите“ врз суверени држави, овде не ја споменувам агресијата од страна на нивниот протекторат Косово врз суверената македонска држава во 2001 – та, поттикната токму од нив , ниту за „гарантната“ окупација на Атина врз нашата држава со Преспанскиот договор, заверена од нив.)
И денес, токму тие кои четврт столетие молчат за надворешните крвави агресии врз суверени држави неодобрени од Советот за безбедност при ООН, водени од своите двојни стандарди, за кои веќе пред десеттина години пишував дека се рак рана на денешницава и дека ќе бидат најголемиот проблем за светскиот мир, е тие се најгласни во осуда на руската операција во Украина. Меѓу нив, секако, Славјанка и Бујар и целиот македонски политички врв.
Без срам и без чувство на одговорност за пролеаната крв на милионите невини жртви при нивните „демократски“ воени агресии, крв која уште се наоѓа на нивните раце, се загледани во рацете на Путин. Тие, кои заради двојните стандарди, водени од интересите на САД и Британија го разурнаа половина свет, денес, бесрамно зборуваат за разурнувања и жртви. И мислат дека светот не памети, мислат дека уште еднаш лагата пласирана како пропаганда преку „демократските“ медиуми, ќе ја победи вистината. За среќа, оној дел од светот кој не е корумпиран од нивната моќ и долари, веќе е свесен за она што му се случува. За жал, инсталираните Зеленски и кликата околу него не сакаа или не смееја тоа да го видат, не сакаа или не смееја да видат дека за доброто на Украина САД се подготвени да се борат до последниот… украинец.
Јас лично имам право да ја осудам воената операција на Русија во Украина затоа што јавно редум ги осудував и агресиите врз СРЈ, Ирак, Либија, Сирија… А, вие со двојните стандарди пикнете се во своите глувчешки дупки, не тропајте воинствено во барабаните и не потпалувајте и понатаму воени огнови, во кои заради вас ќе гинат невини човечки суштества. Бидејќи, еве, веќе барате разговори на кои ќе дојде до решение, разговори кои упорно беа иницирани и решение кое упорно беше барано и пред вашето потпалувачко влијание во Украина и, до кое можеше и требаше да дојде без воени акции и без невини жртви.
Вие, крвожедните лицемери со двојни стандарди, срам за човечката цивилизација.